Деби албумот на Cut Your Nipple е достапен на сите дигитални платформи

Деби албумот на Cut Your Nipple е достапен на сите дигитални платформи

По промоцијата на првиот сингл „What We Stand For”, победниците на Лузер Фест 2019 - Cut Your Nipple го издаваат својот прв студиски албум под етикетата на Пасворд Продакшн. „Тhe Jungle Book” се состои од 11 песни, кои жанровски се движат од панк, алтернативен рок до фанк, преку што се отсликува разноликоста и талентот на бендот. 

 

Младиот демо бенд Cut Your Nipple е основан во 2018 година од страна на Марко Печеновиќ (бас и вокал), Павел Кузманоски (гитари) и Теодор Јаневски (тапани). Членовите на бендот се автори на музиката, а како продуцент се потпишува Дени Крстев од Студио 1060 - каде што изминатата година се снимаше албумот. “The Jungle Book” е издаден под етикетата на Пасворд Продакшн и е достапен за преслушување на сите поголеми дигитални музички платформи. 

 

Бендот својот прв албум би го опишал како: „The Jungle Book е приказна за нас и нашата џунгла во која сме израснати заедно со животните кои се обидуваат да ни ја одземат иднината и кариерата, додека истовремено ни даваат огромна креативност. Деновите ни поминуваат со единствената мисла како да се преживее, а како единствени свесни суштества за своето постоење, навистина е лесно. Книгата е напишана едноставно и со прости детали кои нè возат низ природната мелодија на агресивниот оптимизам, како кога си на дивата страна од џунглата и се чувствуваш беспомошно, но опремен со добри мисли кои никогаш не те напуштаат. Интеграцијата на љубовта, гневот, слободата и болеста нè доведува до статус кво, а ние се обидуваме некако да мрднеме оттаму: процесот е секогаш бескрајна луда забава, која преоѓа во сè поголем апсурд. Животните што смрдат, урлаат, те гризат и постојат во тој вакуум простор, во нечистите воздух и вода, во отпадот, се дел од таа журка на која се забавуваме во ова дело. Можеби не е најдобрата книга што ќе ја прочитате, но дефинитивно е најдобрата книга што ќе ја слушнете.”

 

Cut Your Nipple настапија и на целодневната телевизиска културна програма на Таксират Фестивал наречена ПИН ТВ, хибридна верзија на ПИН конференцијата која традиционално се одржува во Скопје секој ноември. Се претставија со уникатно видео, изработено ексклузивно за целите на програмата на ПИН ТВ, а оваа селекција од нивната музика за прв пат можеа да ја чујат илјадниците гледачи и музички професионалци од целиот свет. 

 

Од денес, The Jungle Book е достапен на поголемите дигитални музички платформи како Spotify, Apple Music, Amazon Music, Deezer, Tidal, а од утре (05.03.2021) ќе може да се преслушува и на Youtube. 

Cut Your Nipple - The Jungle Book