Password Production

Password Production

Драги Д пријатели,

Во текот на изминатите месеци продолживме со подготвките за Д Фестивал и ширењето на позитивна енергија. Ви благодариме на илјадниците пораки исполнети со љубов и поддршка кои нѐ мотивираа да работиме на различни решенија и сѐ подобри изданија.
Oд првото, па се' до последното издание, фестивалот од една бина на напуштен паркинг, се прошири на 20.000 квадратни метри, вклучувајќи пет сцени на кои заедно со нашиот тим, помагаа 200 волонтери и над 600 соработници, се' со цел да ве пречекаме и ви овозможиме три незаборавни фестивалски дена!

Д ФЕСТИВАЛ СО НОВИ ДАТУМИ

Оваа година ни започна со амбициозна подготовка на фестивалот, која резултираше со најголем интерес досега, што значи дека сме ја стекнале вашата доверба. Мотивирани од истата, до денес се надевавме дека ќе се појави шанса за скора дружба.
За жал, бројките на заболени и слабиот напредок во борбата со COVID-19, затворени граници и карантини, дефинитивно не' принудуваат да се адаптираме на ситуацијата и да го презакажеме Д Фестивал 68 дена подоцна – од 21-23 август 2020 година, на локација Градски Парк – Дојран, во омилениот Д Камп. Во соработка и координација со нашите пријатели од Србија, ќе се одржи една недела по Exit Festival.

2 ВО 1 БИЛЕТ ЗА НАЈВЕРНАТА ПУБЛИКА

Сакаме да ве известиме дека вашите билети се безбедни. Задржувајќи го набавениот билет, го поддржувате фестивалот и музичката индустрија и за возврат, добивате можност да присуствувате на двете Д Фестивал изданија – во 2020 и во 2021! Доколку не сте во можност да присуствувате на овогодинашното издание, билетот може да го задржите за 2021 година, а на располагање ќе бидат понудени и различни решенија за поврат на средствата. Скоро сите досега најавени изведувачи се потврдени на едно од двете изданија, а детални информации околу целосната програма ќе бидат објавени на почеток на месец јули.

ПРОТОКОЛ

Здравјето и безбедноста за нас секогаш биле на прво место и сакајќи да придонесеме кон наоѓање решение на моменталната кризна ситуација, заедно со колегите од останатите продукции, се соединивме во новото здружение за културни промотери. Според насоките од Светската здравствена организација, кои препорачаа враќање на фестивалите, изработивме детален предлог-протокол, поттикнат од позитивното искуство на соседните и европските земји кој го доставуваме до надлежните институции.

Се извинуваме за доцната информација, но до овој момент се надевавме на чудо и скора дружба.

Вашиот Д Фестивал тим ❤️

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Кралот на валцерот Andre Rieu испрати специјална порака до македонската публика!

Видеото може да го погледнете на следниот линк - https://www.youtube.com/watch?v=hHYM3BNOiak

Билетите за концертот на Andre Rieu на 27-ми ноември 2020 година се достапни во продажба и може да се набават ТУКА 

 

 

Поради моменталната ситуација во врска со COVID-19, со тешко срце соопштуваме дека In Flames мора да ја презакажат претстојната турнеја во Европа и Велика Британија, а со тоа и настапот во Скопје на 15-ти мај 2020.
Работиме напорно да најдеме нов датум за концертот, а повеќе информации ќе имаме набрзо.
Вашиот билет ќе важи за новиот датум, затоа ве молиме чувајте го и бидете трпеливи.
Се гледаме наскоро & останете безбедни Jesterheads

Tuesday, 10 March 2020 13:02

PLUTO'S DOUBTS - SIZIF

Таксират Ви претставува:

Соло концерт на IN FLAMES во Скопје!

На 15ти мај, на гости ни доаѓаат едни од предводниците на Gothenburg melodic death metal-от - IN FLAMES.

По нивното основање во 1990, In Flames стануваат едни од највлијателните и најпознати шведски метал бендови кои заедно со At the Gates и Dark Tranquility се заслужни за развој на еден сосема нов жанр. Во раните 2000-ти запливуваат во алтернативните води на металот со што драстично се зголемува продажбата на нивните албуми, а до 2008-ма имаат продадено повеќе од два милиони копии. Добитници се на четири "Grammis" награди - шведскиот еквивалент на Grammy наградите и на "Best International band" на Metal Hammer Golden Gods Awards. Во текот на својата кариера настапувале со Metallica, Slayer, Children of Bodom, Refused, Judas Priest, Opeth, At the Gates, Kreator.. Со триесет годишна кариера, свежо излезен тринаесетти албум "I, the Mask" и еден куп турнеи низ светот, In Flames доаѓаат и во Скопје, спремни да го распалат МКЦ! Се гледаме на 15-ти мај во 20:30 часот. Првите 300 билети по цена од 800 денари се веќе во online продажба, а може да се набават и низ дистрибутивната мрежа на МкТикетс.

Андре Риу, холандскиот "крал на валцерот" и човекот кој овозможи класичната музика да е достапна за сите, заедно со својот оркестар "Јохан Штраус",  во ноември повторно ќе настапи во Скопје како дел од својата светска турнеја. Ќе имаме шанса да чуеме една сосема нова програма исполнета со фантастични филмски мелодии, мјузикли, опера и оперета како и традиционална музика. Подгответе се за незаборавна вечер исполнета со музика и валцер.

 

"Јас и мојот оркестар сме многу радосни за повторното гостување во Скопје во склоп на нашата светска турнеја.” - вели Андре Риу. “Концертот во 2019-та беше навистина емотивен и незаборавен, а прекрасната публика не’ пречека со огромен ентузијазам. Со нашето враќање во ноември ја прославуваме љубовта, животот и секако, музиката."

 

Неговите настапи се многу повеќе од само музика - раскошни фустани, романтични светла и пространи платна зад оркестарот, заедно со бројни интернационални солисти и сето тоа зачинето со добар хумор. Таму е дозволено да се смее, плаче, игра, танцува… перфектен спој за одлична забава. 

Овој екслклузивен настан ќе се одржи во С.Ц. БОРИС ТРАЈКОВСКИ на 27-ми ноември 2020 година. Билетите се веќе во продажба на www.andrerieu.com , mktickets.mk и на www.karti.com.mk.

 

 

 

 

 

 

Започна продажбата на билетите за десеттото, јубилејно издание на GREEN BEACH фестивалот кој оваа година ќе се одржува на 1-ви и 2-ри август на фестивалската локација кај хотел „Еуротел“ во Струга! Првите влезници се достапни со најповолната цена со дури 50% заштеда во однос на нивната финална цена односно само 700 денари за фестивалски (дводневен) билет. Оваа, earlybird продажна акција се спроведува само онлајн и со многу ограничен број на влезници кои се достапни за купување на овој линк: https://mktickets.mk/event/gbf/, до истек на залихите.

GREEN BEACH Фестивал по повод одбележувањето на 10-тиот јубилеј, ова лето ќе се одржува со дводневна програма, а веќе се потврдени и првите хедлајнери со чии имиња Фестивалот ја продолжува својата традиција да претставува ексклузивни и премиерни настапи во Македонија на врвни изведувачи од светската електронска сцена. Во четврток, на 1-ви август за отворањето на фестивалот ќе биде задолжен апсолутниот лидер на актуелната електронска сцена, еден од најголемите светски продуценти и симболот на Берлин како светска престолнина на современата електронска музика, PAUL KALKBRENNER!

Втората вечер, петок, 2-ри август е резервирана за настапот на швајцарскиот диџејски тандем ADRIATIQUE кои важат за највозбудливото техно/хаус дуо во моментов и кои исто така премиерно гостуваат пред македонската публика и тоа со ексклузивен 4-часовен сет.

Потврдените настапи на овие изведувачи повеќе од доволно алармираат дека фановите на најголемиот електронски настан во земјава, треба да бидат навистина брзи за да ја искористат супер-промотивната понуда на билети, бидејќи големиот интерес наговестува нивно брзо распродавање, а наскоро пристигнуваат и нови засилувања во програмата за јубилејниот Green Beach #10.

Апсолутниот лидер на современата светска електронска сцена ПОЛ КАЛКБРЕНЕР (PAUL KALKBRENNER) гостува за прв пат во Македонија на овогодишното, десетто издание на Грин Бич (Green Beach) Фестивалот, кое ќе се одржува на 1-ви и 2-ри август во Струга! Еден од најголемите светски електронски продуценти Пол Калкбренер, познат е по хедлајнерските настапи на најголемите фестивали и стадионски спектакли пред десетици илјади луѓе, кои пред него беа резервирани само за најголемите светски бендови како што се „Ролинг Стоунс“ и „Ју-Ту“. Во историјата на музиката ќе остане запаметен неговиот настап по повод одбележувањето на 25 години од падот на Берлинскиот ѕид пред половина милион луѓе, што уште долго време ќе остане недостижна бројка и за најпознатите светски имиња. Со неговиот настап на 1-ви август ќе биде одбележано големото отворање на јубилејниот Грин Бич Фестивал кој и ова лето ќе се одржува на локацијата кај хотел „Еуротел“ во Струга!

Калкбренер е несомнено симбол на Берлин како светска престолнина на современата електронска сцена. Творецот на електронските класици меѓу кои е и мултиплатинестиот „Sky & Sand“, е главен актер во култниот филм и истоимен албум „Berlin Calling“ кој се ширеше на интернет како своевидна техно библија, а интересот за самиот филм најдобро го илустрира фактот дека тој неколку години непрестано беше на репертоарот на берлинското „Кино Централ“.

Кариерата ја започнува уште во 1992-ра година, а своето прво издание за берлинската диџејска хероина Елен Елиен (Ellen Allien) и нејзината угледна издавачка куќа „BPitch Control“ го објавува во 1999-та година. Во претходните две децении со осум студиски албуми тој ги помести границите на електронската музика, првенствено бидејќи не е диџеј, туку настапува во живо, исклучиво со своите нумери со кои ги диктира трендовите во електронската музика. Во сето ова, Калкбренер успева да биде и ангерграунд и мејнстрим изведувач, а колкаво е неговото влијание говори податокот дека тој е првиот човек на кој, по потпишувањето на договорот со „Sony Music International“, му е дозволен целосен пристап до нивната музичка архива за семплување.

Минатата година Пол Калкбренер го објави и својот нов албум „Parts of Life“, а ова лето премиерно пристигнува во Македонија со настап за отворање на јубилејниот GREEN BEACH на 1-ви август во Струга! Публиката на Грин Бич, фестивалот кој во последниве 10 години се истакнува како најголем настан на електронската сцена кај нас, со реноме на најквалитетен и секогаш актуелен музички избор, ќе има прилика во живо да ги чуе непроценливите нумери на овој електронски уметник, но секако и ремек делата од неодамна објавениот албум кој предизвика неподелено воодушевување кај милионите фанови кои славниот берлинец ги има на социјалните мрежи.

Покрај Пол Калкбренер, својот настап на Фестивалот претходно го потврди и највозбудливиот техно/хаус тандем во моментов Адриатик (ADRIATIQUE), кои исто така гостуваат со свој премиерен настап пред македонската публика, на втората фестивалска вечер во петок, на 2-ри август, а наскоро ќе бидат објавени и останатите изведувачите кои ќе се придружат во програмата на Фестивалот, како и информациите за стартот на продажбата на првите, најповолни билети.