Поради огромен интерес закажана е ВТОРА ИЗВЕДБА на Монти Пајтон Спамалот

Поради огромен интерес закажана е ВТОРА ИЗВЕДБА на Монти Пајтон Спамалот

По целосната распродажба на билетите за премиерната изведба на МОНТИ ПАЈТОН СПАМАЛОТ во Скопје и огромниот интерес на публиката, закажана е и ВТОРА ИЗВЕДБА на најпопуларниот бродвејски мјузикл! Во рамки на ова ексклузивно гостување на Таксират, македонската публика ќе има единствена привилегија два дена да ужива во Пајтоновскиот хумор на спектакуларен начин. Втората изведба на хит-мјузиклот ќе се одржи на 28-ми ноември во МОБ, ден по веќе распродадената премиерна изведба. Билетите се достапни во продажба од денес (7-ми ноември) на пладне преку продажната мрежа на МКтикетс и онлајн.

Музичката комедија базирана на филмот „Монти Пајтон и Светиот Грал“ прв пат ќе биде одиграна пред македонската публика и тоа со врвна светска продукција каква што досега не сме виделе на театарските сцени во регионов, а во изведба на извонредниот ансамбл од Србија. Мјузиклот „Спамалот“ во Скопје доаѓа со импресивна актерска и танчерска екипа, во досега невиден состав. Токму за овој мјузикл, српската актерска легенда Никола Којо по 20 години се враќа под театарското светло преку ликот на Крал Артур, а со него на сцената брилираат и Никола Ѓуричко, Срѓан Тимарев, Гордан Кичиќ, Дејан Луткиќ, Мирољуб Турајлија, Иван Марковиќ и славната Јелена Јовичиќ која неодамна ја восхити македонската публика и со главната улога во мјузиклот „Мама Миа“. Како режисер на мјузиклот се потпишува Радослав - Рале Миленковиќ.

- Проектот „Спамалот“ е единствен музичко-сценски спектакл кој по прв пат на овие простори, на публиката ѝ овозможува да ужива во врвната светска продукција. Собравме екипа од повеќе од 100 луѓе кои го чинат актерскиот, балетскиот, хорскиот и оркестарскиот ансамбл, како и поголем број на надворешни соработници од областа на уметничките и сценските активности. Овој мјузикл е одлична прилика за сите љубители на Монти Пајтон и добриот хумор да дојдат и заедно со нас да уживаат во светски познатиот музичко-сценски спектакл – изјавуваат од Proscenium Productions, кои стојат зад продукцијата на овој мјузикл.

Станува збор за вистински театарски феномен кој за само пет години од поставувањето на бродвејскиот репертоар осви 2 милиони луѓе во 25 држави ширум светот. Оригиналната Бродвејска продукција е направена во 2005 година, кога и „Спамалот“ веднаш ја доби „Тони“ наградата за најдобар мјузикл, како и уште две „Тони“ награди, Сара Рамирез за улогата на Дамата од Езерото и Мајкл Николс за најдобра режија на мјузикл. На тоа доделување, „Спамалот“ беше номиниран за вкупно 14 „Тони“ награди.

Популарниот мјузикл ексклузивно ќе биде одигран во Скопје, на 27-ми и 28-ми ноември 2016, во реновираната сала на Македонска Опера и Балет.