Победникот на ЛУЗЕР ФЕСТ ќе ја отвори главната вечер на ТАКСИРАТ

Победникот на ЛУЗЕР ФЕСТ ќе ја отвори главната вечер на ТАКСИРАТ

Конкурсот на ЛУЗЕР ФЕСТ продолжува до 23-ти октомври!

Еден од омилените настани во рамки на ТАКСИРАТ, најдругарскиот и најпозитивниот ЛУЗЕР ФЕСТ според бројот на досега пристигнатите пријави за учество, годинава се покажа и како едно од најплодните изданија досега. Сред подготовките за интензивната програма на 18-тиот ТАКСИРАТ, ова е особено радосна вест бидејќи станува збор за фестивалот посветен на младите музички сили во Македонија! Токму во нивна чест, ТАКСИРАТ најавува уште неколку добри вести за сите потенцијални учесници на ЛУЗЕР ФЕСТ.

ТАКСИРАТ со задоволството ја најавува дополнителната награда во пакетот кој го подготвува за победникот на Лузер Фест! Покрај снимање на албум во студиото „Марифет“ (мarryPHAT) и објавување на својот студиски првенец под капата на „Пасворд Продакшн“, годинашниот победник на ЛУЗЕР ФЕСТ ќе има чест и да ја отвори главната вечер на ТАКСИРАТ 18, со настап на големата сцена во Метрополис Арена и рамо до рамо со легендарните македонски музички имиња! Имено, главната вечер годинава ќе се одржи на 9-ти декември и ќе биде одбележана со концертите на АРХАНГЕЛ, КИРИЛ ЏАЈКОВСКИ, САНАТОРИУМ, ФОЛТИН и ЧИСТА ОКОЛИНА.

ЛУЗЕР ФЕСТ годинава ќе се одржи на 26-ти ноември во Младински Културен Центар и тоа не случајно, како финале и затворање на годинашното издание на меѓународната ПИН музичка конференција која ќе се одржува во МКЦ на 25-ти и 26-ти ноември. Благодарение на ПИН, Скопје за време на овие денови се претвора во збирно место на стотици музичките креативци од Европа, вклучувајќи музички промотери, продуценти, менаџери, новинари, здруженија, претставници на најголемите музички фестивали во Европа, млади музичари и експерти од цела Европа кои се активни во организирање и промовирање на културни настани. Ова е дополнителна прилика токму за учесниците на ЛУЗЕР ФЕСТ чии настапи ќе ги проследат и делегатите на ПИН конференцијата, но воедно тие ќе имаат можност и директно да бидат вклучени во најактуелните теми од музичката индустрија кои ќе ги опфатат панел-дискусиите на ПИН.

Тимот на ТАКСИРАТ е веќе интензивно ангажиран и со преслушувањето на големиот број на досега пристигнат музички материјал. На радост пак на сите оние кои побараа дополнителен период за подготовка на снимките, соопштуваме дека КОНКУРСОТ НА ЛУЗЕР ФЕСТ Е ПРОДОЛЖЕН за уште неколку дена, односно ДО 23-ти ОКТОМВРИ (недела) ДО ПОЛНОЌ

За да се пријават на конкурсот, музичките групи или солисти треба во електронски формат да достават:
* три досега необјавени авторски песни (во кој било аудио формат),
* контакти
* фотографија и
* кратка биографија на бендот и членовите.

Пријавите, најдоцна до 23 октомври 2016 (заклучно со недела), треба да бидат испратени на и-мејл адресата: This email address is being protected from spambots. You need JavaScript enabled to view it. & This email address is being protected from spambots. You need JavaScript enabled to view it. .

ВАЖНО:
* „Пасворд“ ги задржува правата да објави компилација од сите групи кои ќе настапат за време на „Лузер Фест“;
* Пријавените бендови треба да достават свои досега необјавени и неиздадени снимки, а во спротивно ќе бидат дисквалификувани;
* Не примаме песни со семејни и традиционални вредности
* Не даваме финансиски субвенции ни квартално ни декадно
* „Пасворд“ има право да ги објавува пријавените песни од страна на изведувачите на своите социјални и асоцијални мрежи
* Селекцијата на финалистите ќе се одреди по истекување на рокот за пријавување

И годинава кризниот штаб со голема насмевка ќе најави и уште неколку настани кои ќе ја направат Таксиратската недела доволно добра да може да се поднесе остатокот од времето до изборната година.

ВЕ ЧЕКАМЕ СО СНИМКИ!