Лондонскиот дабстеп феномен MODESTEP за затворање на 17. ТАКСИРАТ

Лондонскиот дабстеп феномен MODESTEP за затворање на 17. ТАКСИРАТ

На 17. издание на ТАКСИРАТ ни пристигнува диџеј составот на извонредната лондонска дабстеп група MODESTEP. Групата која само со песните од својот прв албум оствари над 100 милиони прегледувања на своите интернет канали, по одредена пауза годинава повторно ја покори светската „бејс“ сцена со објавувањето на новиот албум „London road“ (мај 2015)! Албумот е веќе номиниран за „најдобар бејс албум“ во 2015. година на „Bass Music Awards“ манифестацијата која на 12. ноември ќе се одржи во култниот „Ministry of Sound“ клуб во Лондон. Во рамки на турнејата за „London Road“, MODESTEP ќе настапат за прв пат и во Скопје, на 7. декември во Метрополис Арена, за затворање на главната вечер на ТАКСИРАТ фестивал.

ВИДЕО: https://www.youtube.com/watch?v=Bparw9Jo3dk

MODESTEP е една од најпрогресивните групи на „бејс“ сцената која е вклучена и во „ростерот“ на славната UKF Music (Ју-кеј-еф Мјузик) - најголемата и најзначајната светска музичка платформа посветена на проширување, претставување и промовирање на сите аспекти на андерграунд и „бејс“ музичката култура. Нивниот музички стил е сосема уникатен, со нагласени прогресив електро и дабстеп влијанија, но и хардрок звук надополнет со вокалот на Џош Френд. Токму поради овој стил, критиката ги поставува MODESTEP рамо до рамо со бендови како Pendulum и The Prodigy, а истовремено и во листата со артисти како The Script, Skrillex, Ed Sheeran и Flux Pavilion.

Групата оформена во 2010 година, започна да работи на својот деби албум на почетокот на 2011 година, со објавувањето на деби синглот „Feel Good“ кој уште во периодот пред официјалното објавување најде свое место на официјалната плејлиста на британското BBC Radio. Веќе во февруари, синглот дебитираше на 38. место на UK Singles Chart, а истовремено се искачи на 5. место на листата за независни изданија и 6. место на денс листата. Истата година групата го објави видео спотот за синглот „Sunlight“, кој за само четири дена надмина 1 милион прегледувања а истотака се најде на А-листата на BBC Radio и дебитираше на 16. место на британската листа. „To The Stars“ синглот кој го објавија во ноември го повтори истиот успех. Следната година, со четвртиот сингл MODESTEP официјално го најави објавувањето на првиот албум „Evolution Theory“. Албумот конечно беше објавен дури во февруари 2013. и очекувано веднаш го најде своето место на самиот врв на листите во Британија, но и во топ 10 листата во С.А.Д.

По подолга пауза извонредните MODESTEP на голема врата се вратија на сцената во јануари годинава, објавувајќи го синглот „Snake“ со кој го најавија и својот втор студиски албум „London Road“ објавен преку нивната сопствена етикета Max Records. Изминатото лето започна и официјалната промотивна турнеја на MODESTEP за албумот „London Road“ која сѐ уште трае. Во рамки на оваа турнеја MODESTEP одржа настапи на најголемите фестивали ширум светот, меѓу кои и настапот на главната бина на престижниот Reading фестивал, а на 7. декември конечно и за прв пат доаѓа пред македонската публика на ТАКСИРАТ ФЕСТИВАЛ.

Покрај MODESTEP, на ТАКСИРАТ, на 7. декември во Метрополис Арена, потврдени се настапите на великаните на авангардата LAIBACH, жестоките каталонци LA PEGATINA, култниот хип хоп состав „САФ“ и Тони Китановски Little Big Band! Наскоро очекувајте и нови изведувачи кои ќе се приклучат во програмата за главната вечер на ТАКСИРАТ со која фестивалот ќе го прослави своето 17 издание.

СТАРТУВА ПРОДАЖБАТА НА ПРОМОТИВНИТЕ ВЛЕЗНИЦИ ЗА ТАКСИРАТ 17.

Во понеделник (9. ноември) стартува продажбата на првите влезници за главната вечер на ТАКСИРАТ кои ќе бидат достапни по промотивна цена од 499 денари и само во ограничен број! Овие влезници наменети за најверните и најбрзите таксиратлии ќе се продаваат преку продажната мрежа на МКтикетс, како и онлајн.

Време е!
Преврти го Скопје наопаку!