Пролетта пристигна порано

Пролетта пристигна порано

С.А.Р.С. неодамна го објавија својот нов албум и веднаш пристигнаа првите реакции. Во целост ви ја пренесуваме првата рецензија на албумот "Пролече", која со висока осумка го поздравува последното издание на нашите пријатели.

 

По нешто повеќе од една година, С.А.Р.С. доаѓаат со нов албум, петти по ред. На малку домашни бендови им тргнува од рака, во три години по ред да објавуваат по едно издание годишно, дури и да се работи за состав популарен како С.А.Р.С. Не е мала работа. Нашиот портал има прилика прв да опише што бендот ни носи во 9 комплетно нови песни и нешто преку 30 минути музика.

Почнуваме со синглот кој беше објавен неодамна, песната насловена "Пролече." Веднаш морам да кажам дека оваа песна е убедливо најдобра, како текстуално така и музички. Текстуално пред се', искористиле фантастична метафора со пролетта, како годишно време на будење, позитивност, ведрина и поубав почеток. По оваа долга и мрачна зима (ако воопшто може да се нарече зима) сите веќе се лигавиме за тие неопходни зраци Сонце кои што ќе не мрднат од летаргија. Меѓутоа, многу поважната пролет која допрва треба да изгрее во Србија и која што ќе ја чекаме повеќе од 20 дена кога ни доаѓа ова годишно време, е промената на системот и практичниот живот на подобро. Се' поголемата регресија на системот доведе до тоа, сите да си заминуваат од Србија во потрага за среќа таму некаде далеку. "Отиш'о је свак' ко ваља" како што своевремено пееше Рамбо Амадеус, така и Жарко сега вели дека "је у ово лудо време право чудо остати овде". И не можеме да ги обвинуваме луѓето што одлучиле да си заминат, но ако денес ги прашате дали ја пронашле среќата која ја барале, колкумина од нив ќе ви кажат дека навистина ја пронашле? Тука всушност се крие прикриениот мотив во песната, а тоа е дека нам пред се' ни е потребна духовна и ментална пролет, на ниво на пединци а потоа како народ. Не е најстрашно тоа што системот е грозен и што сме материјално ограничени ("милион проблема, распад система, нема решења") туку зошто дозволивме тоа да влијае на нашиот морал, добрина и духовност ("нече да гледају духовно морални пад") и тоа што сами на себе си постанавме ладно и непријателски настроени едни кон други ("изгубили смо све из врече, љубав и доброту, људкост, поштовање, веру и мудрост...") А за оваа песна не можеа да најдат подобар гостин од Југослав Петровиќ од Стрејт Џекин, кој изненадно се појави од нигде никаде и на свој сопствен начин отпеа феноменално.

 

Кога сакаат да напишат нешто насмерено против системот, тогаш метафоричните и лукави песни како "Пролече" најмногу им одговараат на С.А.Р.С. Многу повеќе од песните во "лаење" стил како што се "Мурија" и "Пишај по сиротињи," посебно вторава која што е најслаба на албумот. Уште една многу интересна и симпатична нумера со исклучителна бас линија која веднаш ќе ве натера на танц е "Практична жена", посветена на сите жени и нивното секојдневно позитивно влијание на мажите, кои се огледуваат во мали и често практични работи ("моју практичну жену ретко боли глава, њене очи веселе увек ме развеселе...") Единствената песна со хармоникашки народни влијанија е "Љубомора" која се допира до една од најлошите човекови особини во контекст на лошите односи меѓу луѓето. Ако некој за миг се загрижи дека нема љубовни нумери по кои што станаа препознатливи, нека не се грижи. Тука се три песни кои ќе ви влезат во уво (или срце), а сигурен сум дека тоа пред се ќе биде "Нема те крај мене", со лесен баладичен клавир и нежни стихови, а потоа "За њом" со побрз рок ритам и првата песна "Острво пусто".

 

За крај ја оставив песната "Какав диван дан". Покрај тоа што ми го привлече вниманието со рок - латино ритамот, својот рефрен ("Какав диван дан, мени небитан") ме потсети на еден прочуен графит од деведесетите кој гласеше: "Пролече је, а ја и даље живим и Србију". Директно наслонувајќи се на онаа приказна од песната "Пролече", оваа нумера на интересен начин допре до таа мрачна и депресивна ситуација која владее во Србија, ставајќи три точки на самиот крај...

 

Во однос на претходните изданија, изборот на жанрови стана уште потесен, а атмосферата на целиот албум поприлично создава една вистинска целина. Нема повеќе скокање од жанр на жанр, од ска или реге на чист фанк или на народен мелос, туку класичниот рок ритам со поп мелодии се уцврсти како главна оска, а овие други споменати стилови речиси и да ги нема. Од препознатливите љубовни песни, лесните рок - поп мелодии и песните кои се однесуваат на нашето секојдневие, се' е тука. Без премногу музички експерименти и со отворање на старите проблеми на понови начини, новиот албум на составот С.А.Р.С. ќе биде уживање за сите фанови на овој бенд.

 

Ненад Пекез за Nocturne.