Sander Van Doorn и Bad Copy се приклучуваат кон програмата на „Таксират“

Sander Van Doorn и Bad Copy се приклучуваат кон програмата на „Таксират“

По одличната забава која сè уште ја паметиме од денс-халата на последното издание на „Таксират“, фестивалот и оваа година во својата програма вклучува дел од светските диџеј ѕвезди. За фановите на електронската музика, „Таксират“ годинава го претставува и вториот изведувач од програмата за главната вечер, кој редовно се појавува на самиот врв на топ листите на најрелевантниот магазин за електронска музика „ДЈ Маг“, а станува збор за холандскиот диџеј и продуцент Сандер Ван Дорн (SANDER VAN DOORN). Сандер Ван Дорн според многумина е вистински технички и музички гениј и еден од највлијателните и популарни диџеи и продуценти. За многу кратко време, ова име стана бренд на електронската сцена, артист чиј уникатен стил никогаш не се класифицира во жанровските поделби и еден од уметниците кои ја обликуваа и променија перцепцијата на денс музиката.

Сандер Ван Дорн прв пат се претстави пред пошироката публика во 2006 година, кога на „ДЈ Маг“ Топ 100 листата дебитираше на 32. место. Продуцентските вештини кој ги покажа со неговото прво издание „Loaded“ ја потресоа меѓународната електро денс заедница, а поздравена и поддржана од сите значајни имиња, неговата продукција со типичниот „СвД-стил“ ги освои врвовите на сите клубски листи во светот и резултираше со неговиот прв долгоносечки албум „Supernaturalistic“. Но ваквиот старт на кариерата никако не го натера да успори со својата работа – под своето име, но и разни псевдоними (Sam Sharp, Purple Haze, Filterfunk & Sandler) од тогаш неуморно објавува и настапува ширум светот и веќе во 2009 година влегува во Топ 10 листата. Својот молскавичен успех до врвот го забележа таа година и со освојувањето на наградата за најдобар нов успешен диџеј („Best Breakthrough DJ“), по што постојано е на врвот од топ листите на најценетите списанија за електронска музика. По бројните хитови и соработки (два пати по ред неговите синглови во соработка со Marco V влегуваат во Топ 20 и потоа бележи „хет трик“ со „Close My Eyes“ и соработката со Роби Вилијамс), статистиката во неговата кариера вели дека секоја претходна година тој настапувал пред најмалку милион фанови. Покрај соработката со Роби Вилијамс, тој работеше и за познатите светски ѕвезди како што се Сиа (Sia), „Д Килерс“ (The Killers), „Свидиш Хаус Мафиа“ (Swedish House Mafia), „Депеш Мод“ (Depeche Mode) и многу други. Неговите продуцентски изданија и ремикси се особено забележани од електронската музичка индустрија и имаа поддршка од повеќе од 50 радио станици ширум светот. Со своите албуми, бројни хит-синглови, ремикси на најголемите светски ѕвезди, распродадени настапи на сите најзначајни арени и фестивали ширум светот, успехот на неговата сопствена етикета „Дорн Рекордс“ и неделното радио шоу, речиси е невозможно да се посомневате дека на 7. декември во „Метрополис Арена“ нè очекува одлична забава со која ќе биде затворено овогодинешното издание на фестивалот.

Помеѓу претставниците од регионалната сцена пак, покрај култната хрватска електро-поп група „Денис&Денис“ на главната вечер на Таксират ќе настапи и контроверзното, немилосрдно, најпопуларно српско хип хоп трио, „Бед Копи“ (BAD COPY)!

Од офф-програмата на последното издание на „Таксират“, еден од настапите кои остави најголем впечаток кај публиката и кој сигурно ќе остане долго запаметен од јубилејното издание на „Таксират“ е токму настапот на белградскиот хип хоп состав „Бед Копи“. Но она што овие момци го презентираат на нивните настапи дефинитивно заслужува поголемо внимание и главната бината на „Таксират“. Со сигурност мора да го посведочите нивниот препознатлив сатиричен стил поради кој станаа и една од најпопуларните хип хоп групи во регионот. „Бед копи“ во 1996. година ја основаа Ајс Нигрутин и Мики Бој. Истата година го објавија првиот албум „Орбод мебеј“, кој беше сочинет од комични текстови рапувани врз инструментални песни на популарни американски рап артисти како „Метод Мен“ и „Ноти бај нејчр“. По трагичната смрт на Мики Бој во 1999. година, Ајс Нигрутин направи пауза и во 2000. година заедно со Тимбе и Скај Виклер, ја обновува групата во состав кој и денес заедно работи. Заедно го објавија албумот „Све сами хедови“ (2003) снимен во радиско студио, кој за кратко време стана хит, благодарение и на првиот сингл „Uno Due Tre“. Во 2006 година го објавија својот трет студиски албум „Најгори до сада“ по кој, во 2008. година групата се разединува. Во 2013 година „Бед копи“ сепак се вратија на сцена и тоа на голема врата со новиот албум насловен "Кригле" кој беше најавен со видео спот за синглот „Љубав или Пиво“. Познати по своите хумористични текстови и жаргон, членовите на групата имаат објавено неколку албуми и како соло артисти и допринесоа за популаризацијата на хип хоп музиката во Србија и регионот на почетокот од новиот милениум. Во досегашната работа имаат забележано повеќе соработки со артисти како Хорнсман Којоти („Ајсбрн“), Блајнд Бизнис, Кибу, Прти Бее Гее, Бвана, Ху Си?, Марчело, Београдски Синдикат, Едо Маајка, Баук Сквад, В.И.П. и други.

Главната фестивалска вечер на шеснаесеттото издание на „Таксират“ ќе се одржи на 7. декември во „Метрополис Арена“, а покрај тоа фестивалот ја подготвува дополнителната офф-програма. Во рамки на оваа програма веќе го најавивме повторното одржување на „Лузер Фест“, на 29. ноември во МКЦ, а наскоро ќе бидат објавени и останатите детали од програмата, како и информациите за влезниците.