STEREO MC's доаѓаат на Д ФЕСТИВАЛ 2014

STEREO MC's доаѓаат на Д ФЕСТИВАЛ 2014

Д ФЕСТИВАЛ повторно стапува на сцена во полн сјај, подготвен за нови незаборавни доживувања на автентичното дојранско крајбрежје. Денот Д за годинашното, четврто издание на уникатниот музички хепенинг Д ФЕСТИВАЛ е 26 јули (сабота), на веќе традиционалната локација, паркинг Гранит во Дојран, каде што нè очекува програма од селектирани артисти од светската и домашната музичка сцена.

Сцената на Д ФЕСТИВАЛ оваа година има особено задоволство да биде домаќин на едни од најуспешните и најдолговечните британски хип хоп артисти, величенствените STEREO MC'S кои ќе го претстават во Дојран своето денс музичко шоу кое важи за едно од најдобрите на планетата! Подготвени да им понудат на фановите сосема поразлично искуство, STEREO MC's со Rob Birch, Nick Hallam и драм’ен’бејс артистот Mc Five Alive го претставуваат диџеј сетот исполнет со електро хаус, британски бејс, хаус, стари и нови Stereo MC's аранжмани. Задолжени за продолжување на препознатливата исклучително позитивна атмосфера на Д Фестивал, Stereo MC's се гаранција дека повторно танцувајќи ќе го дочекаме изгрејсонцето во Дојран и тоа овојпат со вечните хитови како „Connected“, „Step It Up“, „Deep Down & Dirty“ и многу други.

STEREO MC's е група која го остава своето влијание и трага на мапата на поп и денс музиката веќе повеќе од 20 години, а не случајно во книгата „Гинисова Рокопедија“ (Guinness Rockopedia) тие се опишани како „големите момци на британскиот рап“. Често одбележувани како еден од најлегендарните британски бендови, со Меркјури номинации, Брит награди за најдобра група и најдобар албум, милиони распродадени албуми со небројни хитови зад себе и ремикси за ѕвезди како Мадона, Ју-ту, Трики, Рза и многу други, Stereo MC's претставуваат значаен и моќен музички состав со огромна популарност.

Групата е основана во 1985 година во Лондон од страна на харизматичниот Роб Бирч и диџеј-продуцентот Ник Халам кои во 1988 година се пробија на музичката сцена со синглот „Move It“, а година дена подоцна го објавија деби албумот „33–45–78“. Од албумот во 1990 година беше објавен синглот „Elevate Your Mind“ кој стана прв хип хоп сингл на официјалната британска топ листа, а година дена подоцна и американски хит. Албумот „Supernatural“ од истата година ги одведе на американска турнеја, а синглот и подоцна истоимен албум „Connected“ од 1992 година кој се најде и на второто место на британската листа на најдобри абуми, ги претвори во светски ѕвезди. Следниот албум „Deep, Down & Dirty“ од 2001, како и претходниот, донесе успешни комбинации на фанк грув, соул-џез и госпел, а Stereo MC's го претстави во живо на турнеја истата година, но и на гостувањата како поддршка на турнеите на групата Jane's Addiction. „Paradise“ го објавуваат во 2005, а три години подоцна и повеќе од солидниот двоен албум „Double Bubble“. Последното нивно студиско издание „Emperors Nightingale“ се појави во 2011 година и претставува нова потврда дека „Роб Б“, нескротливиот и ненадминлив фронтмен зад веројатно една од најголемите денс групи кои било кога се појавиле од Велика Британија е човек секогаш подготвен да ја остави музиката да го има главниот збор. Денес, бејс, електро хаус и хаус музиката оди рамо до рамо со новите аранжмани на Stereo MC's чија музика и понатаму е жешка денс афера на подиумите ширум светот и ја потенцираат виталната улога на Роб и Ник како диџеи на новиот сет.

Влезниците за Д ФЕСТИВАЛ 2014 наскоро ќе бидат пуштени во продажба!

Подгответе се за Д ФЕСТИВАЛ, a наскоро очекувајте и нови имиња од музичката програма на фестивалот!