Ангажиран перформанс! - No power. No life.

Ангажиран перформанс! - No power. No life.

Утре (четврток, 12. декември) со почеток во 20:00ч. во „Комуна“ во Љубљана ќе се одржи словенечката премиера на перформансот „Шкрип инк“ (Škrip Inc.) во кој дел од актерското трио е и вокалот на „Бернајс Пропаганда“, Кристина Горовска. Премиерата се одржува во рамки на фестивалот на слободни сценски уметности „Ат.Шишка“ (At.šiška), чија програма годинава започна на 6. декември. Во стилот на општествениот ангажман потенциран и во музичкиот израз на „Бернајс Пропаганда“, и овој перформанс е своевидно ангажирање кое посочува кон потрошувачкото општество и манипулацијата која пазарот ја манифестира врз граѓанството.

Škrip Inc.

Кога можеш да кажеш што ти пречи без стравот да изгубиш нешто како последица на тоа. И да ги разоткриеш твоите тајни без да чувствуваш вина за тоа. Место за кое можеш да се врзеш, но сепак да си слободен. Каде што ти се броиш, а не грешките. Тоа пријатно чувство дека си помеѓу твои луѓе.

Вербата во магија е доминантната сила на нашите животи. Ние тежнееме кон совршени задоволства, константно и вечно. Се бориме низ бучавата. Најдобрите нешта се случуваат онаму каде што не сме. Секогаш доцниме. Престанавме да мислиме на тоа кои сме ние. Нема време. Што ни треба?

Значајна цивилизациска потреба е работата која ќе ни овозможи опстанок и лично издигнување. Ако, згора на тоа, таа се претвори во профитабилен бизнис, тогаш навистина нема од што да стравуваме; границите помеѓу уметноста и животот исчезнуваат по автоматизам. И секој може да ги има своите 15 минути слава. Сѐ функционира непрекинато и секој од нас ќе ја искуси преродбата во иднина.