Вистинскиот панк-рок на Таксират - THE EXPLOITED

Вистинскиот панк-рок на Таксират - THE EXPLOITED

Главната вечер на ТАКСИРАТ, за јубилејното петнаесетто по ред издание на фестивалот ви подготвува уште една одлична вест за љубителите на бунтовната музика, гласното озвучување и бескомпромисните бендови. Покрај веќе најавените Bernays Propaganda, Београдски Синдикат, The Locos, Дубиоза Колектив и Мајке, на бината во Метрополис Арена, на 28 декември ќе настапи и легендарниот панк-рок бенд THE EXPLOITED! Еден од самите зачетници и предводници на бунтовниот жанр, The Exploited се придружува на програмата, подготвен за најжестоката свирка на ТАКСИРАТ 15!

Овој шкотски панк рок бенд е формиран во 1980-та година во Единбург. Оригинално стрит панк бенд, подоцна се трансформираат во побрз хард-кор панк бенд со големо политичко влијание. Инспирирани од првиот бран на панкот свират едноставна, но многу експлозивна музика изразена преку брзина и агресија. Бендот имаше чести промени во составот, но останаа заедно како бенд три декади. Помеѓу своите први дела ги има објавено сингловите како „Dogs of War“ и „Dead Cities“, „Army Life“ ЕП-то и „лајф“ албумот „On Stage“ во раните 1980ти. Материјалот од нивните почетоци често се појавуваше во независните листи во Велика Британија. До сега имаат вкупно 18 изданија.

„Fuck The System“ (2003) нивниот осми студиски албум го претставува бендот во поексплозивна форма од било кога претходно, бунтовен, категоричен и целосно бескомпромисен. Песните како „Never Sell Out“ и „Chaos Is My Life“ (двете со наслов кој кажува сѐ) се брутално моќни како сѐ што бендови двојно помлади од нив можат да понудат и докажуваат без сомнеж дека, не само што се уште има живот во старите песови, туку згора на тоа, тие доаѓаат со бес! „Fuck The System“ не е само наслов на албум, туку е изјава за стремеж. Но не правете грешка, ОВА е панк рок албум! Во 2005та групата ја објави и компилацијата „25 Years of Anarchy and Chaos“, а во име на трите децении постоење на панк-рок сцената е и нивниот концерт на Таксират 15.

Панк–рокот е сѐ што имаш! Тоа е твојата движечка сила, единствената работа која има смисла и единствена работа која дава надеж во еден свет „без иднина“. А тоа е чиста возбуда. Следниот сингл, следниот концерт, гласната музика те потсетува дека си жив/а. Имаш опција повремено да кокетираш со панкот или единствената друга опција – да му го дадеш на панк-рокот тоа што тој ти го дава на тебе – СЀ! Ако си невработен, тогаш биди невработлив. Ако губиш битка, изгуби ја борејќи се. Ако имаш нешто да кажеш – кажи го. И највеќе од сѐ – ако си во бескомпромисен нападен бенд тогаш биди во навистина опасно нападен бенд. THE EXPLOITED се панк–рок.

Да разјасниме една работа: The Exploited не се „панкерчиња“ или некоја слична симпатична, ублажена, Ем-ти-ви настроена квалификација на која може да се повикате. The Exploited се релевантни денес како што беа и во 1980. Изразот панк-рок почна да значи многу различни нешта за многу различни луѓе. Како неизлечлив вирус жанрот го инфицираше целиот свет, еволуирајќи, мутирајќи (често над препознавање) и заразувајќи сѐ што ќе му се најде на пат. Мода, уметност, комедија, политика и секако музиката, сите се неповратно променети од страна на панк-рокот. Но, за The Exploited панк-рок сѐ уште значи сѐ.