Таксират 20 ви претставува: Легендарните INNER CIRCLE за прв пат во Скопје!

Таксират 20 ви претставува: Легендарните INNER CIRCLE за прв пат во Скопје!

ТАКСИРАТ ФЕСТИВАЛ со задоволство го најавува следниот настан за одбележување на годинашното јубилејно 20-то издание, на кој во соработка со МКЦ Скопје, за прв пат пред македонската публика ќе настапи легендарниот јамајкански бенд INNER CIRCLE!

Прославувајќи ја 50-годишнината од своето постоење, Греми лауреатите Inner Circle ќе настапат на 29-ти јуни во МКЦ Скопје (плато), во рамките на нивната светска турнеја. Ова е единствена прилика да се види во живо култната реге-поп атракција и непосредно да се вкусат нивните хитови: “Sweat”, “Bad Boys”, “Rock with You”, “Games People Play”, “Young, Wild & Free”, “Tenement Yard” (неодамна семплувана од Jay-Z) итн.

Концертот ќе се одржува со бесплатен влез, а за присуство посетителите само треба да донесат едно пластично или стаклено шише бидејќи во оваа роденденска прослава ни се придружува и „Пакомак“ долгогодишниот еколошкиот партнер со кој ТАКСИРАТ редовно се залага добрите еколошки навики да станат дел од музичките збиднувања.

Реге иконите годинава го одбележуваат нивното 50-годишно творештво со промоција на документарен филм, книга и албум под наслов “A Long Road to Success”. Квинтетoт од Јамајка е еден од најголемите светски реге бендови чиј успех кулминираше кон средината на седумдесеттите. Inner Circle се, пред сè, заслужни за креирање специфичен стил на поп-ориентиран јамајкански ритам и енергија што ги етаблираше во водечки ѕвезди на ова движење. Редовно настапуваат на најголемите светски фестивали, како хедлајнери, заедно со бројни музички гиганти како: Зиги Марли, Лорен Хил, Елтон Џон, Ван Морисон, Џими Пејџ, Роберт Плант, Карлос Сантана и многу други. Предводен од основачите, браќата Роџер и Јан Луис, бендот го издржа тестот на времето континуирано иновирајќи го своето творештво и соработувајќи со растечките ѕвезди на светската музичка сцена. Питбул, Ченс д Рапер, Фло Рида, Рик Рос и ДЈ Калед се само некои од поп ѕвездите со кои тие соработуваа во последниве неколку години.

Потсетуваме, ТАКСИРАТ годинава го одбележува својот 20-ти јубилеј со голем број концерти во Скопје кои ќе се одржуваат во текот на целата година, а во рамки на прославата за „20 години алтернатива во Македонија“ претходно веќе се одржаа повеќе исклучителни концерти и настапи и тоа на КРАФТВЕРК, ЛАЈБАХ, ЛОРД ОФ Д ДЕНС, АКУА НАРУ, ГОГОЉ БОРДЕЛО, МАиКА и ПИТЕР БЕНС.