На Кокино второ издание на мултимедијалниот фестивал „Тврдина на Сонцето“

На Кокино второ издание на мултимедијалниот фестивал „Тврдина на Сонцето“

Ни претставува особена чест и задоволство да го најавиме новото, второ издание на целодневниот културен хепенинг КОКИНО – Тврдина на сонцето. Локацијата на настанот е мегалитската опсерваторија Кокино, датата на одржување 17-ти СЕПТЕМВРИ (недела).

Несекојдневниот мултимедијален настан и оваа година ќе се одржи со мноштво културни активности во подножјето на Кокино, долж обележаната патека/рута и во просторот на самата опсерваторија.

Програмските активности на настанот почнуваат во 15:00 часот кога ќе се одржуваат организирани едукативни тури до опсерваторијата, работилници, предавања и презентации, како и перформативните активности на настанот кои стартуваат со поетско читање и го заокружуваат целодневното дружење со музичката програма во чии рамки годинава ќе уживаме во настапите на STRING FORCES, VOLTAIRE MANI AL HAKIM и диџеј ШУРБЕ.

Во едно поинакво афирмирање на мегалитската опсерваторија, која според НАСА се наоѓа на четврто место на најстарите опсерватории во светот, ве очекуваме на ова целодневно уживање под отвореното небо на КОКИНО, на кое ќе и дадеме поинаква живост и промоција на самата опсерваторија со грижливо селектирана програма, без да се нарушат атмосферата и духот на локалитетот.