Password Production

Password Production

Фондацијата “Милан Младеновиќ” распиша конкурс за наградата “Милан Младеновиќ 2021”, под слоганот “Пријави ја твојата песна”. Конкурсот е отворен од 1-ви до 30-ти јуни 2021-ва година.

Наградата „Милан Младеновиќ“ е основана со цел да ја поттикне музичката креативност, која се карактеризира со вредностите својствени на уметничкото наследство на Милан. Се доделува за најдобра песна на територијата на поранешна Југославија на церемонија на 21 септември - денот на раѓањето на Милан. 

Право на аплицирање имаат авторите од сите земји на територијата на Поранешна Југославија, со песна чиј текст е напишан на еден од јазиците што се зборуваат на горенаведената територија, вклучувајќи ги и јазиците на малцинствата: 

- Еден автор или група автори можат да достават само една песна на конкурсот
- Песните што се натпреваруваат за наградата треба да бидат објавени во периодот од 1-ви јули 2020 година до 30.06.2021 година
- Апликациите може да ги достават автори, изведувачи или издавачи преку образецот достапен на веб-страницата на Фондацијата - milanmladenovic.com.
- Натпреварот завршува на полноќ на 30 јуни 2021 година.

За годинашната победничка песна ќе одлучува регионалното жири составено од Дамир Урбан (Хрватска), Кирил Џајковски (Северна Македонија), Иван Феце Фирчи (Србија), Катарина Епштајн (Србија) и Зоран Стајчиќ (Хрватска). Стручното жири најпрво ќе избере 12 финалисти кои ќе бидат објавени на промотивната компилација во продукција на фондацијата Милан Младеновиќ, а добитниците на наградата од оваа година ќе бидат наградени и со парична награда од 2.000 евра.

Во прилог на образецот за пријавување на веб-страницата milanmladenovic.com, достапна е целосна документација во врска со условите на натпреварот и правилата за доделување на наградата.

 

HELLO WORLD! По промоцијата на својот прв сингл “Little Heads”, младиот инди-рок состав Stoned Hedge денес (28.05.2021) го издава својот прв студиски албум под етикетата на Пасворд Продакшн.

 

Stoned Hedge е млад инди-рок бенд од Тетово, формиран во 2018-та година. На самите почетоци, бендот свири преработки насекаде низ Македонија, за во август 2020-та година да почне да создава авторска музика. Бендот е составен од 4 члена: Ангела Маринковска – вокал, Исмаил Камбери – гитара, Дејан Томовски – бас и Марко Стојчевски - тапани. 

 

Албумот насловен “Hello World” се состои од 8 песни кои жанровски се движат во рамките на алтернативниот рок, а звучат толку зрело, небаре ги компонирал искусен бенд со долгогодишно искуство. Истите се подготвени за само четири месеци, а се снимени и продуцирани од страна на Дени Крстев (Bernays Propaganda, My Tear) во Студио 1060.

 

Она што овие млади луѓе го направија во тој краток период е навистина за восхит, а тоа се големи и неверојатно мелодични песни кои лесно ќе ве заведат со својата питкост и искреност и ќе ве однесат во светот и борбата на убавите, чесните и младите. Станува збор за една борба со силен и невидлив противник, но Stoned Hedge во стил на искусни борци со неверојатна леснотија на сите нас ни покажаа дека со талент и чисто срце може да звучиш и изгледаш светски. Да, драги слушатели и гледачи… тука станува збор за светска класа на трагот на Guano Apes и Portishead. Во нивните песни можете да најдете многу убави и неочекувани нешта како: прекрасни и меланхолични вокали, волшебни и ненаметливи гитари, сонливи и сугестивни бас делници, разбивачки и нежни тапани...и искрени зборови!!! Тие креираа еден убав свет кој повеќе нема да постои само во нивните срца и глави, туку благодарејќи на волшебните мелодии на насмеаните ежиња сите ние можеме да бидеме дел од нивната магија... и да, конечно да се опуштиме и да уживаме.” - Васко Атанасовски (Bernays Propaganda, 21 Vek)

 

Од денес, HELLO WORLD е достапен на поголемите дигитални музички платформи како Spotify, Apple Music, Amazon Music, Deezer, Tidal, Youtube, Bandcamp. Може да се чуе на следниот линк:

 

STONED HEDGE - HELLO WORLD

Доколку ви се допаѓа нивната музика, ќе имате можност да го поддржите бендот преку купување на merch-от кој што ќе биде изложен на слушачката промоција на Hello World, која ќе се одржи на 28.05 (петок) на платото пред Младинскиот Културен Центар, со почеток од 19 часот.

 

Босанската вселенска агенција (БОСА), чие постоење досега е негирано од страна на владините претставници, ги лансираше првите астронаути во вселената

Во нивното прво обраќање до јавноста, тие истакнаа дека „Ова беше мал чекор за човештвото, но огромен скок за Босанскиот народ“.

Ако го читате ова и мислите дека се лажни вести - делумно имате право. БОСА е вистинска агенција, но само во новото музичко видео на ДУБИОЗА КОЛЕКТИВ за песната “SPACE SONG” - дел од нивниот најнов албум #fakenews, издаден од страна на Менарт Рекордс. На песната како специјален гостин се појавува и Earl Sixteen од легендарниот бенд Dreadzone

Членовите на бендот Дубиоза Колектив за мисијата изјавија:

"Развојот на вселенската програма бара повеќегодишна напорна работа и огромни суми на пари што ги немаме во Босна и Херцеговина. Затоа, Босанската вселенска агенција во изминатиот период се фокусираше на усовршување на масовното производство на халуциногени "Space Cookies", со цел секој да може да патува евтино и безбедно во вселената и назад.”

“Многу луѓе веруваат дека впрочем никој не слетал на Месечината и дека мисиите „Аполо“ биле исценирани. Нашата вселенска програма го зеде предвид овој факт и ги заштеди парите и ресурсите на даночните обврзници. Зошто да работиме напорно за да ги испратиме луѓето на Месечината, кога половина од нив и онака не веруваат дека сме биле таму?“

Како изгледа првото босанско вселенско летало и дали Босанците навистина успеале да стапнат на површината на Месечината, проверете на видеото подолу.

DUBIOZA KOLEKTIV - SPACE SONG FEAT EARL SIXTEEN

Талентираните ежиња Stoned Hedge, денес (14.05.2021) го промовираат својот прв сингл “Little Heads”. Синглот е дел од деби албумот “Hello World” кој ќе биде издаден од страна на Пасворд Продакшн. Stoned Hedge за само 4 месеци, создадоа еден нов свет, полн со волшебни мелодии, а истиот ќе имаме шанса да го чуеме наскоро.  

 

Stoned Hedge е млад инди-рок бенд од Тетово, формиран во 2018-та година. На самите почетоци, бендот свири преработки насекаде низ Македонија, за во август 2020-та година да почне да создава авторска музика. Бендот е составен од 4 члена: Ангела Маринковска – вокал, Исмаил Камбери – гитара, Дејан Томовски – бас и Марко Стојчевски - тапани. 

 

Талентираните Stoned Hedge успеваат за само четири месеци да го создадат својот прв, деби албум. Истиот е составен од осум песни кои жанровски се движат во рамките на антернативниот рок, а звучат толку зрело, небаре ги компонирал искусен бенд со долгогодишно искуство. 

 

Албумот е снимен и продуциран од страна на Дени Крстев (Bernays Propaganda, My Tear) во Студио 1060, а за видеото “Little Heads” се погрижија Кристина Карапеоска и Мартин Ѓорѓиески. 

 

Истиот ќе биде издаден на сите дигитални платформи од страна на Пасворд Продакшн, а премиерата на албумот е закажана за 28-ми мај, со почеток од 19 часот, на платото пред Младинскиот Културен Центар

 

Ви го претставуваме првиот сингл на Stoned Hedge, насловен “Little Heads”:

 

STONED HEDGE - LITTLE HEADS (видео)

 

“Little Heads” е достапна на сите дигитални платформи

 

HMA (HEMI MUSIC AWARDS) полека се приближува кон крајот на втората фаза. На 23-ти мај (недела), преку онлајн настапи на 9-те финалисти, ќе се одредат трите победници!

 

За време на настанот, 9-те финалисти ќе се претстават со песна по сопствен избор, а публиката и судиите ќе имаат шанса подобро да ги запознаат преку интервјуа со секој од финалистите. 

 

Во изминатите два месеци, 9-те финалисти - Thom Artway (CZ), I Wear* Experiment (EE), Deaf Radio (GR), Woodstock Barbie (HU), Funk Shui (MK), Dogs in Kavala (RS), Izzy and the Black Trees (PL), Lucia (RO), Koala Voice! (SI) посетија персонализирани сесии и професионални тренинзи од страна на ментори - експерти во областа на музичката индустрија, кои работат со компании и фестивали како што се Spotify, Songtrust, Google, !Κ7, Sziget, MENT Ljubljana, A38 Ship, Sony/ATV, etc. 

 

Менторите го пренесоа своето знаење и искуство преку вкупно 50 персонализирани сесии на теми како што се издаваштво, монетизација, рекламирање, букинг, ПР,  маркетинг, турнеи, како и изработка на плејлисти. 

 

Од вкупно 285 европски таленти од Централна и Југоисточна Европа, жирито првично избра 27 бендови од 9 држави, меѓу кои од Македонија беа избрани Плутос Даутс, Фанк Шуи и Ју. Во вториот круг влегоа ФАНК ШУИ, заедно со уште осум европски бендови. Меѓународното жири на Центарот за размена на музички иновации “HEMI”, составено од организатори на фестивали, промотори, менаџери, продуценти и музички новинари може да се погледне тука

HEMI MUSIC AWARDS (HMA) е нова програма, наменета за талентирани музички изведувачи кои се подготвени да развијат меѓународна кариера и да ја пласираат својата музика на европско ниво. HMA е организирана од HEMI (Центар за размена на музички иновации) - Европска иницијатива која има за цел поддршка на изведувачи и професионалци во музичкиот бизнис од Чешка, Естонија, Грција, Унгарија, Северна Македонија, Полска, Романија, Србија и Словенија. Иницијативата е поддржана од програмата Креативна Европа на Европската Унија.

 

Недела, 23-ти мај | 19:00 (CET)

Лајв стрим: HEMI Facebook & HEMI Youtube 

Еден од најкреативните музичари и визионери, пионерот на британскиот трип-хоп звук – Tricky, го вклучи Скопје како дел од својата европска турнеја. На 7-ми октомври годинава, со соло концерт во склоп на 23-тото издание на Таксират Фестивал, Tricky ќе гостува во Младинскиот Културен Центар во Скопјe.

Врвниот британски музичар и продуцент Adrian Nicholas Matthews Thaws, познат по своето уметничко име “Tricky”, се смета за една од клучните фигури во развојот на андерграунд сцената во 90-тите. Со својот препознатлив вокал и уникатен хипнотички стил на продукција, Tricky станува составен елемент од електронската сцена во тоа време. Неговиот слоевит музички стил претставува мешавина од различни културни влијанија и жанрови како хип-хоп, алтернативен рок и рага.

Кариерата ја започнува како член на британската рап група The Wild Bunch, која подоцна прераснува во Massive Attack. Tricky е еден од основачките членови на групата заедно со Robert Del Naja, Grant Marshall & Andrew Vowles, а заедно работат на славните албуми „Blue Lines“, како и на нивното второ издание „Protection“.

Во 1995-та, го издава својот маестрален деби албум „Maxinquaye“, кој се смета за еден од најдобрите албуми на 90-тите години, поставувајќи ги темелите за неговата одлична соло кариера која сега веќе е во третата деценија. Преку неговите соработки со Massive Attack, PJ Harvey, Bjork, Martina Topley Bird и легендарните албуми како “Pre-Millennium Tension”, “Ununiform”, “FalseIdols” , “Blowback”, Tricky создава свој, уникатен и препознатлив звук, кој постојано успева да ја фасцинира публиката, а и музичките критичари.

На Таксират Фестивал ќе се претстави со неговиот најнов14-ти албум “Fall to Pieces” – издаден во 2020-та година, а снимен во Берлин на крајот на 2019 година, во еден мрачен период од животот на овој голем уметник. Тој успева болката да ја претвори во креативна сила која наоѓа излез преку тензичните синтови, дисторзираните тонови и мрачните текстови, а заедно со прекрасните вокали на Marta Złakowska, успева да го донесе слушателот уште поблиску до уникатниот звук кој само тој може да го создаде.

Чуден за некои, генијален за многумина, уникатен за сите – Tricky е творец кој постојано остава белег на модерната музиката во последните три децении, па ни е огромна чест и задоволство што повторно ќе ни гостува во Скопје!

Билетите се достапни во продажба преку mktickets.mk - https://mktickets.mk/event/tricky/

Tuesday, 16 March 2021 14:52

HEMI LIVE SESSIONS

Page 1 of 80