Нов албум на 21 ВЕК: СИ НАЦРТАВ ЖИВОТ

Нов албум на 21 ВЕК: СИ НАЦРТАВ ЖИВОТ

21 ВЕК го објави својот трет студиски албум насловен „СИ НАЦРТАВ ЖИВОТ“ кој од денеска е достапен на сите поголеми дигитални музички платформи.

Бендот 21 ВЕК е изнедрен од пост-панк круговите на македонската алтернативна сцена и формиран од долгогодишните соработници и другари: Васко Атанасоски - вокал, Дени Крстев - гитара и програмирање и Раде Јордановски - бас. Докажани имиња за музичките познавачи кои публиката ги препознава и како членови на култните Bernays Propaganda , ХАХАХА, FxPxOx, Fonia и My Tear. Сега, со новиот албум групата се покажува во сосем поинакво светло од она на кое сме навикнати од нив во минатото. Tажните мелодии и љубовните текстови се основата на новиот албум и звук на 21 ВЕК кој „СИ НАЦРТАВ ЖИВОТ“ го најавува како љубовно-исповедничка плоча, базирана на вистински настани.

Албумот е сниман во долг период, од 11 јануари 2020 до 17 јули 2021, во Студиото 1060 од страна на Дени Крстев кој воедно е и продуцент на ова издание кое носи осум песни. Сите песни ги напиша бендот, а насловната страна е на Дамеска Дона.

Групата претходно го најави албумот со два сингла кои беа објавени и со видеозаписи во режија на Милан Блажевски, првиот објавен во јуни годинава за песната „Ужасно ми фалиш“, а кон крајот на август излезе и видеото за „Сама види си“. 21 ВЕК со „СИ НАЦРТАВ ЖИВОТ“ веќе има 3 албуми и има оствирено концерти низ Словенија, Хрватска, Холандија, Франција, Србија, Унгарија, Македонија и Чешка. Во август тие беа дел од програмата на главната бина на Д ФЕСТИВАЛ во Дојран, а нивниот следен настап е веќе овој викенд, на 10 септември во склоп на мултимедијалниот фестивал „Кокино – Тврдина на сонцето“.

„СИ НАЦРТАВ ЖИВОТ“ е објавен под етикетата на „Пасворд Продакшн“ и од денеска е достапен на сите поголеми дигитални музички платформи, како и преку официјалните страници на 21 ВЕК.