Мизар безгранично

Мизар безгранично

Последното студиско остварување на култните Мизар, „Детето и белото море“,  е веќе во продажба и на музичкиот пазар во Хрватска и Словенија, во издаваштво на Далас Рекордс и ЕМИ Словенија. Уникатната рок – дарквејв група веќе има голема фан база надвор од домашните граници, а хрватската критика неодамна ја смести во најоригиналните музички состави од просторите на бивша Југославија. Со овие изданија Мизар стануваат поблиски до нивните обожаватели на овие простори, како и Западна Европа. За останатиот дискографски пазар, албумот „Детето и белото море“  има издание и за бугарската Корвус рекордс во соработка со американската куќа Проџект рекордс. Во ова издание е вклучено и бонус цеде, како изненадување за фановите.

Четвртото откровение  на Мизар, кое е соработка со црквено-византискиот хор Хармосини, го задржува оригинален стил на бендот, но со воочливо нагласен спој со традиционалниот и еклектичен македонски звук. Групата во сегашната формација со Горазд Чаповски, Зоран Ориѓански и Пеце Китановски и хорот Хармосини, претставен од Ристо Солунчев, Зоран Тортевски, Данаил Данаилов, Иван Петковски и Петар Георгиевски, после изданијата за странскиот пазар ја подготвува балканската турнеја чии датуми наскоро ќе бидат објавени.