Password Production

Password Production

GREEN BEACH - најпознатиот фестивал за електронска музика кај нас го најавува своето јубилејно, десетто издание кое по овој повод повторно ќе се одржува со дводневен програмски концепт на 1-ви и 2-ри август – два дена резервирани за најголемата журка ова лето на фестивалската локација кај хотел „Еуротел“ во Струга!

По девет незаборавни изданија покрај Охридското Езеро, GREEN BEACH како синоним за најквалитетно електронско доживување кај нас ја продолжува традицијата на претставување на врвните уметници од светската сцена во зенитот на нивната кариера и премиерно во земјава! Оваа карактеристика на Фестивалот, со својата кариера и тоа како ја исполнува првиот изведувач кој го потврди своето гостување на јубилејното издание: едно од највозбудливите имиња на светската сцена во моментов, техно/хаус тандемот ADRIATIQUE!

Зад Adriatique стојат двајца уметници - Adrian Shala и Adrian Schweizer – кои како веќе етаблирани швајцарски диџеи се запознаваат во 2008-ма година во Цирих, веднаш спријателувајќи се и започнувајќи да творат под денешното име со кое изградија кариера како еден од најконзистентните и најдобрите диџејски и продуцентски тандеми на техно и хаус сцената.

Клучот за нивниот успех е во уникатното меѓусебно надополнување како уметници. Додека едниот е повеќе насочен кон американскиот и детроитски хаус и техно, другиот сепак повеќе се пронаоѓа во германскиот и европски техно звук. Нивните диџејски сетови, како и нивните продукции, се долги и медитативни, секогаш предизвикувајќи го слушателот со суптилни пресврти кои го прекинуваат хипнотичниот грув. Оваа комбинација на различни пристапи во жанрот набргу се покажува како успешна и уште со нивните први изданија беше јасно дека на овој тандем му претстои блескава кариера.

Доказ за нивниот талент и автентичност, и веројатно највлијателен момент во нивната кариера е и поддршката од Solomun и неговата издавачка куќа, Diynamic. Изданијата за оваа етикета, но и за Afterlife од Берлин во сопственост на дуото Tale of Us, Culrpit од Лос Анџелес, Wolf & Lamb од Њујорк, Supernature од Лондон, My Favourite Robot од Канада и други, ги одведоа до секоја точка на планетата, најголемите светски бини и клубови како BPM, Amsterdam Dance Event, Sonar, но и резиденција на Ибица. Покрај тоа имаат направено и ремикси за артисти од калибарот на Moby-, WhoMadeWho, M.A.N.D.Y, Kraak & Smaak и многу други.

По речиси цела деценија заедничка работа, во 2016 година се исполни и нивната долгогодишна желба: основањето на сопствена музичко-продукциска платформа за уметност, наречена „Siamese“. Водејќи се по девизата дека музиката треба да биде медитација, преку оваа платформа освен што објавуваат сопствена, но и музика на други уметници, „Siamese“ поддржува визуелни и перформативни уметници и организира клупски настани.

Кон крајот на минатата, 2018-та година Adriatique го објавија и својот албум-првенец, а неодамна настапија и во рамки на познатата live-stream платформа „Cercle“ на бајковитите алпски врвови.

„Наоружани“ со своите свежи изданија, ADRIATIQUE доаѓаат премиерно во Македонија на 2-ри август со настап на втората вечер на GREEN BEACH FESTIVAL во Струга. Наскоро, ќе биде објавен и хедлајнерот за отворањето на Фестивалот, како и деталите за продажбата на фестивалските влезници.

Пасворд Продукција и Горан Трајкоски Ве покануваат на промоцијата на „Скомраси Апсурдистански“, албум со музика од филмот „Ругање со Христос“. Настанот ќе се одржи на 20.04.2019 (сабота), во просториите на Пасворд Продукција (https://bit.ly/2D0mZoP).
 
На настанот по промотивна цена ќе може да се набави и ЦД од албумот на кој се најдоа 12 оригинални песни создадени за филмот на Јани Бојаџи. Дел од нив посетителите ќе можат да ги слушнат во живо, а со Горан Трајковски ќе свират Петар Христов, Ана Митоска, Мите Димовски, Игор Василев, Благоја Неделковски и Сеад-Сецко Хаџиќ. Влезот е бесплатен.
 
„Скомраси Апсурдистански“ е трет соло проект на Трајкоски, а зад себе има и 12 изданија со други музичари и бендови.
 
-------------------------------------------------------------------
 
За авторот:
 
Горан Трајкоски е македонски композитор на театарска и филмска музика, но и инструменталист, вокален интерпретатор, основач и композитор во рок групите „Падот на Византија“, и „Анастасија“, како и соработник на неколку дискографски изданија и бројни јавни настапи во Македонија и низ Европа на повеќе групи и музичари меѓу кои: „Мизар“, Кирил Џајковски, Елена Христова, Александер Вељанов, Deine Lakaien, Mooger Fooger. 
 
Студирал англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје, а музички се образовал во училиштето на Пеце Атанасовски како и преку соработка и менторство на врвните народни уметници на полето на Македонскиот фолклорен звук: Вања Лазарова и Никола Цветковски. Под менторство на отец Владимир и отец Стефан Санџакоски, како и при престоите во духовните манастирски центри во Македонија и регионов, Горан го совладал и традиционалното источно и македонско црковно пеење.
 
Својата кариера во компонирање на театарска и филмска музика Горан ја започнува во 1989 година со претставата Емигранти од С. Мрожек во режија на В. Цветановски.  Оттогаш компонирал музика за повеќе од 100 театарски претстави  и филмови во и надвор од Македонија, а денес работи како композитор во Македонскиот Народен Театар. 
 
„Вистинската уметност има моќ да нè направи подобри личности. Горан Трајкоски веќе долго време ја пее својата песна, некогаш длабока, некогаш остра, радикална и експериментална, некогаш минималистичка, или полифонична, некогаш тажна, неискажливо нежна, љубовна и сочувствена, висока, и секогаш автентична и инспирирана од најблагородни човекови побуди, олицетворени во она за што во принцип, ако сме искрени, и не може многу да се зборува или пишува – чистата музика, кон која Горан патува тивко, а сепак громогласно, заедно со возвишеноста на креативното духовно постоење во неговата најсилна еманација: убавината, макар и кобна. На светов убавини“ – Крум Велков.

Откако со месеци ја полни сцената во Кино Фросина и со секоја наредна изведба ја редефинира современата театарска сцена во Македонија, хип хоп претставата „Црнила Ремикс“ доаѓа и на Д Фестивал!

Соработката меѓу „Зад Аголот“, режисерот Јордан Симонов и младата актерска трупа, претставува поинакво видување на класичната драма напишана од Коле Чашуле, еден од најзначајните македонски театарски писатели, публицисти и револуционери кои учествувале во Втората светска војна, политичар и дипломат.

Неговата оригинална драма, „Црнила“ се фокусира на атентатот на Ѓорче Петров – историчар, професор и еден од најважните македонски идејни дејци – извршен од неговите сограѓани. Чашуле е првиот автор кој храбро зборува за предавството на Македонците врз нивните сонародници и воочи дека нивните идеали се погрешни.

Смртта на Ѓорче Петров додека тој служел на неговата држава се случи поради лични и коруптивни интереси, и стана симбол на темнината во македонската историја.

„Црнила Ремикс“ е модерен поглед на овој настан, сместен во контекстот на урбан хип хоп албум. Целиот перформанс се базира на невообичаен пристап со многу специфично глумење (рапување), во кој оригиналниот текст е опеан на траки од „Зад Аголот“ (еден од најпопуларните хип хоп бендови во Македонија). Овој перформанс е сублиминален – меѓу класична театарска драма и хип хоп супкултурата. Ова е првиот и засега единствне хип хоп перформанс во регионот.

Низ помалку од 50 минути музички материјал, минималистичка, но ефективна сценографија и тензични хип хоп ритмови кои нема да ве остават рамнодушни, актерите, „Зад Аголот“ и целата екипа на режисерот Јордан Симеонов ќе ве однесат низ историска лекција, раскажана со лиричен оган, жестока изведба и непрестани морници.

Monday, 18 March 2019 14:50

Conspiracy - Dehumanized

Monday, 18 March 2019 14:49

Thea - Која сум јас

Monday, 18 March 2019 14:49

DNK - The Best Of

Monday, 18 March 2019 14:48

Smut - Тие се насекаде

Monday, 18 March 2019 14:47

Këpurdhat - Trip