ХЛАДНО ПИВО во Скопје!

ХЛАДНО ПИВО во Скопје!

ХЛАДНО ПИВО, најголемиот хрватски претставник на панк рок естетиката, предводен од Миле Кекин, на 24-ти февруари ќе настапи во Скопје, во рамки на големата турнеја со последниот албум „Dani zatvorenih vrata“! Познати како мајстори на концертите во живо, со секогаш исполнети и енергични настапи, Хладно Пиво на концертот во МКЦ без сомнеж ќе приредат вистинско панк рок ужување. Бендот доаѓа со респектабилниот опус од три децении кариера и последниот студиски албум, најавувајќи енергично концертно пакување!

За тоа што претставува ХЛАДНО ПИВО всушност и не е потребно многу да се говори. А за оние кои сепак не знаат, ќе споменеме: 8 студиски и 4 live албуми, повеќе од 60.000 продадени носачи на звук, околу 900 одржани концерти секаде во регионот, но и европските земји, огромен број престижни хрватски признанија меѓу кои дури 14 „Порин“ награди (хрватските „Греми“), осум „Златна Кугла“, две „Црна Мачка“, една „Даворин“ награда и најпосетувана интернет страница од сите хрватски бендови.

По 30 години неуморна панк-рок кариера и стил на живот, како и преполните и успешни концерти, освен што нѐ уверија дека се одлични, момците прераснаа во синоним за најголемиот хрватски панк-рок бенд. Бендот Хладно Пиво, познат во регионот по хитовите „Питала си ме“, „Није све тако сиво“, „Само за тај осјечај“, „Пјевајте нешто љубавно“ важи за состав кој, покрај одличната музичка подготвеност, се наметнува и со проникливите текстови, пренесувајќи ја критиката на општественото секојдневие и пораката за социјално свесната публика. Овој ангажиран пристап во нивното творење им ја донесе и „Јошко Кулишиќ“ наградата за нивниот придонес во промоција на толеранцијата во Хрватска и земјите од регионот, која ја доделува хрватскиот Хелсиншки комитет за човекови права. Во секој случај група која има што да каже, а тоа особено вреди да се чуе.

Билетите за концертот на ХЛАДНО ПИВО ќе бидат достапни веќе утре (сабота, 28-ми јануари) преку продажната мрежа на МКтикетс, со цена 400 денари во претпродажба, а 500 денари на денот на концертот.

Придружи ни се: Хладно Пиво во Скопје!