ЕСМА И ЈАС...

ЕСМА И ЈАС...

Сцена 1.
Пред 20 години...

Читајќи весник на факс, не знам зошто погледнав на часовникот и сфатив дека прочитаното време речиси се совпаѓа со времето од мојот часовник. Станав, си ја платив пијачката и заминав на Скопско Кале. Пишуваше дека ќе има посмртен поздрав од Стево Теодосиевски, познат музичар, хуманист, автор на огромни хитови... Првпат слушам, ама бев премногу љубопитен. Застанав од страна и ја следев поворката, сцена што и со мојата деменција, ја паметам веќе 20 години. Дечки со тарабуки, хармоники и жена со плачлив глас го испраќаат починатиот пеејќи „зошто си ме мајко родила, оф леле“.... восхитувачки, горди со пркос во гласот и желба да му д(п)окажат дека ќе пеат и свират цел живот.

Сцена 2.
Веројатно пред 13-14 години...

Ме поканија преку наречници да ја соберам цела естрада (рок, поп, фолк, детска програма...) по повод 100 години од смртта на Гоце Делчев. На плоштад, преку 20-30 изведувачи, од 10 сабајле до полноќ. Тргна малерозно... мај и како за инает 100 степени, никогаш потопло, а градот никогаш попразен. Споени 5 дена празник, а Сител упорно јавува за рекорди на граница и одлив на марки.

А плоштадот најубав, широк, голем, без ништо на него... Изведувачи се редат, им се поклонуваат на новите мермерни коцки. Јас ем мал, ем разочаран и тивок за да не ме пцујат зашто нема ни врапче да прелета. Тие се редат, по некоја песна, па друг, трет... сѐ по сценарио и саатница. На пладне, во најтоплото, треба да се качи на бина најголемата поп ѕвезда. Ја гледам, се тртка, се вртка, ја пука нервоза и го спуштам мојот поглед уште подлабоко во плочникот за да не се сретне со нејзиниот. По некое време и приоѓа на кралицата и ја прашува „мамо, а да не настапуваме, ќе се резилиме, нема никој?!?!“

Се посрав!!! Ако они не настапат, отиде менаџерската кариера!!!

„Слушај душо, кога доаѓав наваму ме пречека еден човек, не знам дали го гледаш... ене го во сенката под она дрво. Ми рече, ‘Есма, само тебе те чекам’ и душо јас за него морам да пеам!!!“ Дивата, не одговори, го зеде микрофонот и се качи на бина, а мојата вилица веќе беше падната до плочникот. Немав видено таков професионализам, ме купи за цел живот!

Сцени од последните 10 години...

Организирав Нова година, минус 15... Есма и јас! Ниту бекстејџ, ниту градоначалник, ниту ракија, ниту грејачи на бина... Пред да се качи на бина ми ја закачи нејзината торба преку рамо и замоли да ја чувам. Седев на скалите од бината. Заврши првата песна, дојде и ми ја фрли бундата (како јамболија тешка). Заврши втората песна, ми се приближи и ги фрли кондурите за да може да игра. Остана по фустанчето, боса на минус 15 а чиниш минус 40... Јас не ги чувствував прстите, а таа така истера 90 минути. И тогаш, се заљубив за цел живот!

И станавме пријатели, ме засака и таа, мислам дека и нејзината менаџерка, бендот... Ми помагаа со контакти, си зборевме добро еден за друг по белиот свет, а некаде и патувавме заедно. Прага, Вараждин, Егзит, студио, спотови, Нови години, Вевчани, Кирил... Кралицата ја знаеја сите, се чаталев со неа, ја знаев Есма!!! Неколку пати, дури и пивнат, ненајавен ѝ доаѓав на врата. Со Ману, навивачи од Марсеј, случајни минувачи и секогаш бевме добредојдени, таа спремна за фотографија, а и блашко ни вадеше... Ме сакаше и ја сакав! Најдобрата жена на светот, најголемиот македонски музички професионалец, најголемиот македонски АМБАСАДОР!

Никогаш нема да бидеме свесни, која беше Есма, што направи, што остави!!!

Има уште 100 приказни за кралицата, за куќата што сакаше да ја подари, за нејзините деца, за работниот ден, 1000 концерти, за продадените и снимените плочи, за музејот, за пријателите, хуманоста, за деградацијата што ја прости...

Ваауу Есма... мора да има нешто големо именувано по неа, улица е малку за величината на нејзиното дело!!! Можеби цела општина...

(Л.К.)