Со рекордна посетеност заврши ТАКСИРАТ 18

Со рекордна посетеност заврши ТАКСИРАТ 18

ТАКСИРАТ 18 заврши вчера на пладне, кога последните посетители ја напуштија Таксират Афтер Журката во Капан Ан, а откако вечерта од петок кон сабота во преполната Метрополис Арена илјадници посетители беа дел од главниот настан кој ќе влезе во историјата на фестивалот запаметен по рекордната посетеност, чудесната атмосфера и честа да го затвориме овој Таксират со целовечерно славење на македонската музика и гигантите на современиот домашен звук АРХАНГЕЛ, КИРИЛ ЏАЈКОВСКИ feat. TK WONDER, САНАТОРИУМ, ФОЛТИН и ЧИСТА ОКОЛИНА. Чест да ја отвори главната вечер со свој настап имаше победникот на годнашниот ЛУЗЕР ФЕСТ, групата CONTACT 59. Во Хала 2 пак, на Chillout Energy бината настапуваа македонските диџеи Ана Мало, Бодан Јамакоски, Танчевски и Флудер.

Главната вечер на ТАКСИРАТ 18 беше сѐ што можевме да посакаме и повеќе од тоа, вечер во градот убав која сите кои беа дел од неа уште долго ќе ја прераскажуваат. Возбудата и впечатоците не стивнуваат, а бесценето е чувтсвото кое сите ние го понесовме со себе по она што имавме прилика заедно да го создадеме во Метрополис Арена. Илјадници луѓе во најпозитивната атмосфера, преполни со убави емоции и во занес од музиката на култните уметници кои со своето творештво оставија најзначаен белег на современата музичка сцена на Македонија и одбележаа генерации чија младост одекнува преку нивната музика. Додека преполната Метрополис Арена која се чинеше претесна да ги собере сите жедни за квалитетната македонска музика, одекнуваше со стиховите на песните кои денес се химни на оние кои растеа со оваа музика, очигледна беше жарта и на најмладите генерации за кои истите тие стихови и денес се подеднакво релевантни. Безвременска е оваа музичка генијалност, а безвременска беше и оваа вечер на ТАКСИРАТ. Скопје беше превртено наопаку и токму онакво какво што посакуваме да биде секој ден.

ФОТОГАЛЕРИЈА: ТАКСИРАТ 18 - главна вечер

ВИДЕО: Македонски звучи супер @ ТАКСИРАТ 18 

Задолжени со безброј незаборавни спомени и со извонредни речиси месец дена поминати во име на полнолетството на ТАКСИРАТ, ВИ БЛАГОДАРИМЕ на сите кои бевте дел и го поддржавте 18-тото издание!!!

Не рачунајќи ги трите изведби на бродвејскиот хит-мјузикл МОНТИ ПАЈТОН СПАМАЛОТ кој во Скопје ексклузивно гостуваше со ансамбл сочинет од повеќе од 100 луѓе, како и гостите на ПИН КОНФЕРЕНЦИЈАТА кои беа составени од над 40 експерти во музичката област и темите опфатени во панел-дискусиите, ТАКСИРАТ 18 само во рамки на концертната програма беше домаќин на:

JEAN-MICHEL JARRE, Skye & Ross from MORCHEEBA, TUXEDOMOON, АРХАНГЕЛ, КИРИЛ ЏАЈКОВСКИ feat. TK WONDER, САНАТОРИУМ, ФОЛТИН, ЧИСТА ОКОЛИНА, THE ADVENT, SMUT, BAD COPY, LEPI XHONI, ČAO PORTOROŽ, KOALA VOICE, BLAŽ, WEINHOLD, WALTER SCHNITZELSSON, PROJECT ORPHEUS, POINT BLANK, ПЕТАР ДУНДОВ, МЛАДЕН ТОМИЌ, SPEEDY, ГОРАН КАН, СОЊА ИСМАИЛ, АНА МАЛО, БОДАН ЈАМАКОСКИ, НИНО ФЛУДЕР, ТАНЧЕВСКИ, CORTEX, ONEILL, FREAK UNIQUE, THE LOCAL BLUE, CONTACT 59, MARINALEDA, SHELL SHOCK, STRING ROAD, INKLINGZ, LINCOLN LETTER, SWATOVSKI, АДО и ШУРБЕ.


Покрај тоа што ова издание на најпосетуваниот фестивал кај нас, забележа рекордна посетеност, на наше огромно задоволство ТАКСИРАТ годинава се најде и меѓу 10-те најдобри фестивали во Европа и тоа во категоријата Best Indoor Festival на најпрестижните Европски Фестивалски Награди. Ова е најзначајното меѓународно признание за препознавање на квалитетот на фестивалските организации од страна на милионската фестивалска публика од целиот свет и жирито од највлијателните луѓе во музичката индустрија, а добитниците на наградите ќе бидат презентирани на свечената церемонија во Гронинген, Холандија која се одржува во рамки на Eurosonic Noorderslag конференцијата, на 11-ти јануари 2017.

Да, Македонски звучи супер!
До следната година,
ТАКСИРАТ ФЕСТИВАЛ