SKYE | ROSS from MORCHEEBA – сите информации за концертот

SKYE | ROSS from MORCHEEBA – сите информации за концертот

Утре, 25-ти ноември (петок) во МКЦ продолжува програмата на ТАКСИРАТ 18 со веќе целосно распродадениот концерт на SKYE & ROSS from MORCHEEBA - најновиот проект на членовите на светски славниот бенд, кој тие го најавија годинава започнувајќи ја големата светска турнеја.

Влезот за посетителите ќе биде отворен од 19:30 часот, а концертот почнува во 20:30 часот со настапот на канадскиот пејач, гитарист и композитор ONEILL .

Во 21:00 часот на сцената во Денсинг Сала во МКЦ ќе настапат извонредните музички уметници Skye Edwards и Ross Godfrey, заедно со останатите концертни членови на MORCHEEBA, басистот Steve Gordon, клавијатуристот Richard Milner и тапанарот Jaega Mckenna-Gordon. Сет листата на нивниот концерт во Скопје ќе ги опфати сите големи хитови и најважни моменти од кариерата на Morcheeba која трае речиси две децении, но публиката воедно ќе има прилика да ужива и во песните од новиот албум.

Сите оние кои своите билети ги купиле онлајн ги известуваме дека нема да се врши замена на ваучерите за билети, туку задолжително треба да ги испечатат интернет ваучерите (PDF документот во нивниот и-мејл) и да ги приложат при влез на концертот заедно со документ за лична идентификација.

При влегувањето на концерт сите посетители ќе се претресуваат за проверка на предметите кои тие ги внесуваат. Во концертната сала, покрај храна и пијалоци како и вообичаено забранетите предмети, нема да смее да се внесува професионална и полупрофесионална аудио и видео опрема за снимање и пренос на концертот, што вклучува камери и фотоапарати со кои може да се користи објектив, како и таблети.

Ви посакуваме уште една незаборавна концертна вечер на ТАКСИРАТ и ве известуваме дека покрај концертот на Skye & Ross from MORCHEEBA посетителите воедно ќе имаат прилика да се приклучат и во дел од програмата на ПИН конференцијата во чии рамки вечерта од 22:00 до 01:00 часот во Кино Фросина ќе се одвиваат и БЕСПЛАТНИТЕ КОНЦЕРТИ на најбараниот словачки бенд WALTER SCHNITZELSSON, германците WEINHOLD и македонскиот бенд PROJECT ORPHEUS!

Вечерта на полноќ пак, забавата на ТАКСИРАТ продолжува со петчасовното техно доживување кое ќе се одржи во Денсинг Сала во МКЦ и тоа со премиерно гостување на ѕвездата на светската техно сцена THЕ ADVENT, како и балканските техно мајстори, Петар Дундов (Хрватска), Младен Томиќ (БиХ), Speedy (Србија) и Горан Кан (Македонија). Влезниците за овој настан чинат 300 денари во претпродажба, а 400 денари на врата.

Имено, со стартот на ПИН музичката конференција на ТАКСИРАТ, во МКЦ нѐ очекува 48-часовно дружење посветено на музиката. Во рамки на ПИН, од 11:00 часот ќе се одвива панел-програмата на ПИН со повеќе од 40 ексклузивни гости и актуелни теми од сферта на музиката, додека пак вечерниот дел е посветен на музичките концерти.

Присуството на ПИН конференцијата е бесплатно, но со претходна регистарција на http://pinconference.mk/en/registration_form/
Целосната програма со саатници и детали за сите гости и учесници можете да ја погледнете на http://pinconference.mk/en/ .