Сѐ е спремно за отворањето на ТАКСИРАТ со легендарниот ЖАН-МИШЕЛ ЖАР

Сѐ е спремно за отворањето на ТАКСИРАТ со легендарниот ЖАН-МИШЕЛ ЖАР

ТАКСИРАТ Фестивал полни 18 години, а големото отворање на годинашното издание ќе се одржи во недела со спектакуларното аудио-визуелно шоу на легендарниот ЖАН-МИШЕЛ ЖАР, кој прв пат ќе настапи пред македонската публика! Во густиот концертен календар на Жан-Мишел Жар годинава, исполнет со најголемите и најпрестижните светски концертни подиуми, Скопје успеа да влезе како една од ексклузивните станици што ќе ја имаат привилегијата да уживаат во неговиот сензационален перформанс наречен „Електроника“, чувствувајќи ја единствената енергија и емоции што произлегуваат од ова уникатно доживување. Пионерот на електронската музика доаѓа во Македонија со огромен тим кој ќе се погрижи овој концерт да биде доведен до перфекција што соодветствува на големото име и дело. Целиот тим кој работи на комплетната техничка реализација на неговата светска турнеја го подготвува и големиот спектакл во Скопје.

Концертот на Жан-Мишел Жар ќе се одржи во недела (13-ти ноември) во Вип Арена „Борис Трајковски“ во Скопје.

Вратите на арената ќе бидат отворени за посетителите од 19:00 часот, а почетокот на концертот е во 20:00 часот. Прв на сцената, како поддршка на Жан-Мишел Жар ќе настапи канадскиот хаус диџеј МАРКО ГРЕНИЕР (Marco Grenier) кој го придружува Жан-Мишел Жар како музичка поддршка, но и како дел од продукцискиот тим на актуелната турнеја. Настапот на Жан-Мишел Жар ќе почне во 20:30 часот. Во холот на арената ќе бидат сместени и штандови со ексклузивен merch, посебно подготвен за оваа турнеја.

Поради големиот број на посетители и со цел да се избегнат гужвите, во недела за време на концертот во арената „Борис Трајковски“ во функција ќе бидат повеќе влезови: главен влез (југ), ВИП влез (запад) и страничен влез (исток).

Сите оние кои своите билети ги купиле онлајн ги известуваме дека нема да се врши замена на ваучерите за билети, туку задолжително треба да ги испечатат интернет ваучерите (PDF документот во нивниот и-мејл) и да ги приложат при влез на концертот заедно со документ за лична идентификација.

При влегувањето на концерт сите посетители ќе се претресуваат за проверка на предметите кои тие ги внесуваат. Во концертната сала, покрај храна и пијалоци како и вообичаено забранетите предмети, нема да смее да се внесува професионална и полупрофесионална аудио и видео опрема за снимање и пренос на концертот, што вклучува камери и фотоапарати со кои може да се користи објектив, како и таблети.

Ве молиме имајте предвид дека паркингот на Вип Арена „Борис Трајковски“ е со лимитиран капацитет, а поради големиот број на посетители и со цел да се избегне гужвата, наша препорака е да го користите јавниот превоз или околните паркинзи за возилата.

Концертот на ЖАН-МИШЕЛ ЖАР во Скопје е отворање на 18-тиот ТАКСИРАТ Фестивал. Поради огромниот интерес и брзото распродавање на фан-пит и партер билетите, првобитниот капацитет на овие сектори од арената беше проширен со уште мал број влезници, а преостанатите билети можете да ги купите преку продажната мрежа на МКтикетс.

Време е за ТАКСИРАТ!
Преврти го Скопје наопаку!