Конкурсот за ЛУЗЕР ФЕСТ е ОТВОРЕН!

Конкурсот за ЛУЗЕР ФЕСТ е ОТВОРЕН!

Почитувани поддржувачи на несубвенционираните идеи и македонски вредности, дојде нашето омилено време од годината кога со задоволство го најавуваме годинашното издание на Лузер Фест! Неколку дена пред главната фестивалска вечер на ТАКСИРАТ, на 26-ти ноември во МКЦ се враќаме и го создаваме најдругарскиот и најпозитивниот Лузер Фест!

По возобнувањето на овој драг дел од Таксират кој низ годините ги пречека и испрати напред бендовите Лоши Деца, Синиак, Верка, Боргот, ФИСТ, Ска Рингишпил, Новиот Почеток, Хардфејсд, Сторм, Конкјуринг Лајон и уште многу други демо бендови кои се испробаа на Таксиратската Винерско-Лузерска бина низ годините, традицијата на Лузер Фест продолжува и на 18-иот ТАКСИРАТ. Минатата 2015-та година заедно со PLUTO’S DOUBTS, METANOIA, GARGOYLES, KEPURDHAT, BROOKA BAND, PRESEN ZRAK, ASTEROID, VIZIJA, PULS EKIPA, EX-YOU и гостите на фестивалот во преполното МКЦ се врати и освежи фестивалскиот дух на сите ентузијасти кои творат авторска музика и истата сакаат да ја промовираат пред македонската публика.

И оваа година победникот на „Лузер Фест“ ќе биде награден со снимање на албум во студиото „Марифет“ (мarryPHAT) на Ивица Јанкуловски – Штраф и објавување на албумот под капата на „Пасворд Продакшн“, а покрај главната награда, ТАКСИРАТ и годинава ќе ги вложи сите свои расположливи сили за поттик и промоција на најдобрите од новото издание на „Лузер Фест“.

Жирито е веќе на кондициони подготовки, гласачките ливчиња за публиката се подготвени, а конкурсот за пријавување е отворен!

Одиме едноставно како и минатата година:
Ги повикуваме сите македонски млади и неоткриени бендови до 20 октомври 2016 да испратат 3 свои песни на конкурсот. За да се пријават на конкурсот, музичките групи или солисти треба во електронски формат да достават:
* три досега необјавени авторски песни (во кој било аудио формат),
* контакти
* фотографија и
* кратка биографија на бендот и членовите.

Пријавите, најдоцна до 20 октомври 2016, треба да бидат испратени на и-мејл адресата: This email address is being protected from spambots. You need JavaScript enabled to view it. & This email address is being protected from spambots. You need JavaScript enabled to view it. . Следете ги објавите на официјалната Фејсбук страна на Таксират, каде соодветно ќе бидат објавувани детали од правилата и наградите за победниците на Лузер Фест 2016.

ВАЖНО:
* „Пасворд“ ги задржува правата да објави компилација од сите групи кои ќе настапат за време на „Лузер Фест“;
* Пријавените бендови треба да достават свои досега необјавени и неиздадени снимки, а во спротивно ќе бидат дисквалификувани;
* Не примаме песни со семејни и традиционални вредности
* Не даваме финансиски субвенции ни квартално ни декадно
* „Пасворд“ има право да ги објавува пријавените песни од страна на изведувачите на своите социјални и асоцијални мрежи
* Сите бендови кои ќе се пријават ќе бидат објавени, а селекцијата ќе се одреди по истекување на рокот за пријавување

И годинава кризниот штаб со голема насмевка ќе најави и уште неколку настани кои ќе ја направат Таксиратската недела доволно добра да може да се поднесе остатокот од времето до изборната година.
ВАС ВЕ ЧЕКАМЕ СО СНИМКИ! РАЗБУДЕТЕ СЕ!