ЛЕТЕЧКИ ПЕКИНЕЗЕРИ ќе го отворат концертот на АРТУРО САНДОВАЛ

ЛЕТЕЧКИ ПЕКИНЕЗЕРИ ќе го отворат концертот на АРТУРО САНДОВАЛ

Популарниот скопски џез состав Летечки Пекинезери ќе ја загрее публиката за настапот на големиот џез трубач Артуро Сандовал на Охридско лето, во сабота, 6-ти август, во Античкиот театар во Охрид.

Препознатливи по својот стил, главно под влијание на свинг музиката од 30-тите и 40-тите, Иво Солдатовиќ (кларинет), Петар Христов (тенор саксофон), Бојан Петков (гитара), Кирил Туфекчиевски (бас) и Славчо Коцев (тапани) се наметаа како еден од највозбудливите џез-состави на домашната музичка сцена. Со два албуми зад себе, „Летечки Пекинезери“ (2011) и „Dog Show“ (2014), обата издадени за SJF Records, како и со својот динамичен изведувачки пристап, овој шармантен млад квинтет експресно ја освои публиката. Низ своето десетгодишно постоење често настапуваат во Македонија, но и надвор, придобивајќи сè поголем број млади џез-следбеници. Поканата за настап пред великанот Артуро Сандовал ја примија со нескриено задоволство и одушевување.

Токму легендарниот џез-трубач Артуро Сандовал е името кое сите со нетрпение го очекуваат на годинашното „Охридско лето“, а станува збор за вистинска жива легенда и еден од најзначајните џез трубачи во светот, ученик и штитеник на маестралниот Дизи Гилеспи. Артуро Сандовал е еден од најдинамичните и најенергични музичари на денешницата, воедно добитник на 10 награди „Греми“, шест „Билборд“ и една „Еми“, признанието Hispanic Heritage, како и наградата Presidental Medal of Freedom доделена од претседателот на САД - Барак Обама. Од останатите достигнувања на Сандовал ќе ја издвоиме и титулата Доктор на науки по Убави уметности што неодамна ја доби на Универзитетот „Нотр-Дам“. Редовно настапува со водечките симфониски оркестри низ светот, а денес важи за еден од најценетите чувари на џезот, но и за реномиран класичен музичар, пијанист и композитор.

Во својата четиридецениска кариера Артуро Сандовал соработувал и со светските музички ѕвезди како Френк Синатра, Џастин Тимберлејк, Селин Дион и Алиша Кис, ја напишал музиката за филмот „За љубовта на земјата“, чија приказна е темелена на неговиот живот, а во филмот неговиот лик го игра холивудскиот актер Енди Гарсија. Овој Кубанец е коосновач на кубанската група „Иракере“, а во својата досегашна кариера ги освоил најпрестижните награди.

ПОВЕЌЕ ОД ПОЛОВИНА ОД БИЛЕТИТЕ ЗА КОНЦЕРТОТ СЕ РАСПРОДАДЕНИ!

Привилегија да ужива во извонредниот талент и виртуозност на Артуро Сандовал за прв пат ќе има и македонската публика. Во програмата на годинашното издание на Охридско Лето овој концерт е еден од најексклузивните, па, следствено на тоа, и интересот на публиката е голем.

Повеќе од половина од капацитетот на Антички театар е веќе распродаден за овој концерт, па треба да бидете навистина брзи доколку сѐ уште не сте го осигурале своето место за ексклузивната концертна вечер на Охридско Лето. Билетите за концертот на АРТУРО САНДОВАЛ се достапни во продажба преку продажната мрежа на МКтикест, во Југотон (Скопје, ГТЦ, 1 кат), дирекцијата на Охридско Лето и онлајн на овој линк, по цена од 600, 800 и 1000 денари.