Концерт на џез легендата, големиот АРТУРО САНДОВАЛ

Концерт на џез легендата, големиот АРТУРО САНДОВАЛ

Концертот на АРТУРО САНДОВАЛ е еден од најексклузивните во програмата на годинашното издание на Охридско Лето!

Името кое сите со нетрпение го очекуваат на годинашното „Охридско лето“ е она на легендарниот џез-трубач АРТУРО САНДОВАЛ од Куба, кој денес важи за еден од најценетите чувари на џезот, но и за реномиран класичен музичар, пијанист и композитор. „Артуро Сандовал секстет“ од САД ќе настапи на 6-ти август во Античкиот театар, со повеќе дела од џез-музиката. Станува збор за вистинска жива легенда и еден од најзначајните џез трубачи во светот, ученик и штитеник на маестралниот Дизи Гилеспи.

Артуро Сандовал е еден од најдинамичните и најенергични музичари на денешницата, чии настапи бројат милиони гледачи ширум светот, меѓу кои и оние на церемониите за „Оскар“, „Греми“ и „Билборд“ наградите. Воедно и самиот е добитник на 10 награди „Греми“, шест „Билборд“ и една „Еми“, признанието Hispanic Heritage, како и наградата Presidental Medal of Freedom доделена од претседателот на САД - Барак Обама. Од останатите достигнувања на Сандовал ќе ја издвоиме и титулата Доктор на науки по Убави уметности што неодамна ја доби на Универзитетот „Нотр-Дам“. Редовно настапува со водечките симфониски оркестри низ светот, а соработката со некои од најголемите музички ѕвезди денес резултира со голем број изданија. Покрај тоа, Сандовал е познат и како композитор на филмска музика.

Во својата четиридецениска кариера Артуро Сандовал соработувал и со светските музички ѕвезди како Френк Синатра, Џастин Тимберлејк, Селин Дион и Алиша Кис, ја напишал музиката за филмот „За љубовта на земјата“, чија приказна е темелена на неговиот живот, а во филмот неговиот лик го игра холивудскиот актер Енди Гарсија. Овој Кубанец е коосновач на кубанската група „Иракере“, а во својата досегашна кариера ги освоил најпрестижните награди.

Нескриен пример му бил Дизи Гилеспи, легендарниот трубач, кој уште во 1940-тите бил еден од првите американски музичари кои ги спојувале модерниот џез и афрокубанската музика. Во 1970-тите, во рамките на некоја културна размена, тој ја посетил Куба, а во Хавана сосема случајно го запознал Сандовал, со кого многу брзо се спријателил. Токму таа средба го одредила животот на Сандовал. Имено, Сандовал емигрирал во САД додека бил на турнеја со Дизи во 1990 година. Споменатиот холивудски филм е приказна токму за оваа авантура. Инаку Артуро Сандовал студирал класична труба додека растел во родната Куба. Љубовта кон џезот се родила додека ја слушал омилената радиопрограма „Час на џезот“ на Гласот на Америка, со легендарниот водител Вилис Коновер. Сандовал се присеќава: „Тоа беше моето вистинско образование, таму ја открив мојата душа“. Така првпат тој ја слушнал музиката на неговиот иден колега и ментор Дизи Гилеспи.

Најчесто ќе чуете за виртуозните технички способности на Артуро Сандовал, но оние кои имале привилегија да го погледнат како лирично импровизира некоја балада на пијано или да уживаат во разновидноста на неговата музика, низ неговите композиции од стрејт-ахед џез, латино џез или класика, знаат дека Артуро Сандовал е исклучително значаен музичар и го препознаваат како еден од најбрилијантните, мултиталентирани и признаени музичари на нашето време.

Привилегија да ужива во неговиот извонреден талент и виртуозност, на 6-ти август прв пат ќе има и македонската публика. Во програмата на годинашното издание на Охридско Лето овој концерт е еден од најексклузивните, па, следствено на тоа, и интересот на публиката е голем.

Билетите за концертот на АРТУРО САНДОВАЛ се достапни во продажба по цена од 600, 800 и 1000 денари, а истите можете да ги набавите преку продажната мрежа на МКтикест, во Југотон (Скопје, ГТЦ, 1 кат), дирекцијата на Охридско Лето, како и онлајн на овој линк.