Британските легенди DUB PISTOLS доаѓаат на Д ФЕСТИВАЛ

Британските легенди DUB PISTOLS доаѓаат на Д ФЕСТИВАЛ

На главната бина на Д ФЕСТИВАЛ, во петок, 15 јули доаѓаат британските ѕвезди на даб музиката, легендарните DUB PISTOLS! Минатата година тие во голем стил се вратија на сцена со новиот албум „Return of the Pistoleros“, а нивниот препознатлив енергичен настап во живо со седум музичари на сцена, ќе го претстават како предводници на вечерта со која ќе биде отворено шестото издание на Д ФЕСТИВАЛ во Дојран.

Овој британски состав пред публиката на Д ФЕСТИВАЛ доаѓа со материјалот од новиот студиски албум за кој критиката вели дека е најдобриот во нивната досегашна кариера. Нашата публика ќе има прилика да го чуе во живо изданието кое бендот го објави неодамна и за кој главната причина за неговиот успех го лоцира во комбинацијата на старите и новите „Даб Пистолс“ влијанија, вклучувајќи го и Тим Хатон (Tim Hutton) во креирањето кој е познат како ко-автор на музиката за „Грув Армада“, Јан Браун и новиот албум на „Продиџи“.

Во својата кариера која се протега низ повеќе од 18 години, „Даб Пистолс“ имаат шест студиски албуми, а соработуваа со херои од калибарот на „Д Спешлс“, Баста Рајмс, „Меднес“ и Грегори Ајсакс. Како еден од најинтересните алтернативни британски состави познати се и по ремиксите кои ги направија за артисти како Лили Ален, Боно, Јан Браун, Моби, Натали Имбрулиа, Кристал Метод, Лимп Бизкит и Корн. Нивната музика се најде и во филмовите како што се „Y Tu Mamá También“, „Blade 2“, „Bad Company“, „Mystery Men“ и документарниот филм за „Банкси“.

„Даб Пистолс“ низ годините забележа бројни подеми и падови, а низ тој процес групата успешно се метаморфозираше во неверојатно моќен и беспрекорен лајв-бенд кој е редовен фестивалски изведувач и постојано освојува нови фанови на Гластонбери, Бестивал, Бит-Хердер и останатите големи фестивали низ Европа. А таа спремност и дисциплина на бендот научена на потешкиот начин, во целост е прикажана и во нивниот нов албум. „Ние не мораме повеќе да се обидуваме да се вклопиме во сцената и нема да бидеме ничиј хит на месецот. Имаме свои верни фанови и постојано освојуваме нова публика, од ска-татковците до новите деца на фестивалите. И сѐ тоа е резултат на добриот глас кој се пренесува, без маркетинг, туку само со нашите настапи во живо. Па, така и се почувствуваме за овој албум, Пистолерос. Одметници“ – овјаснуваат „Даб Пистолс“.

Денес „Даб Пистолс“ важат за еден од малкуте британски бендови на работничката класа кој ги одржува во живот реге саунд-систем музиката и тајниот ритам на Британија од ска до рокстеди, преку соул-ту-соул, грајм, дабстеп и уште понатаму. „Тајната е во сѐ што ни се случуваше во текот на кариерата, сите успеси и падови, победи и катастрофи“, вели Бери, фронтменот на групата: „Понекогаш и не можам да верувам дека уште постоиме, но пребродивме сѐ и тоа нѐ направи подобри од било кога.“

Д ФЕСТИВАЛ годинава ќе се одржува од 15 до 17 јули во Дојран, а „Даб Пистолс“ ќе ја предводат програмата на првиот ден на главната бина. Покрај главната бина, Д ФЕСТИВАЛ подготвува музичка програма на повеќе бини, како и бројни изненадувања кои ќе бидат наскоро објавени. Посебна музичка, арт и забавна програма, годинава ќе биде подготвена за оние посетители кои ќе се одлучат за пакет влезниците и ќе престојуваат во кампот на Д ФЕСТИВАЛ, каде што ги очекуваат многу нови и разновидни содржини.

Повеќе на dfestival.mk .