Дубиоза Колектив е најбараниот бенд на „Еуросоник“ фестивал

Дубиоза Колектив е најбараниот бенд на „Еуросоник“ фестивал

За 2016 година на „Дубиоза Колектив“ им се насмевнуваат сериозни глобални успеси, судејќи по реакциите на бројните фестивалски агенти собрани сите на неодамна одржаниот музички фестивал „Еуросоник Нордерслаг“ (Eurosonic Noorderslag) во Гронинген, Холандија. Според гласањата на промоторите, здружени преку „ЕТЕП“ (European Talent Exchange Programme) и „Јуроп“ (Yourope) програмите, најмногу гласови и позитивни критики доби токму „Дубиоза Колектив“.

Публиката и музичките професионалци и понатаму го прераскажуваат експлозивниот настап на балканската атракција. Имено, поради интензивното скокање на публиката на сите нивоа во сценскиот шатор (дури и меѓу ВИП гостите), целата конструкција се помести и беа доведени во прашање настапите на останатите бендови таа вечер. Настапот на следниот бенд по „Дубиоза Колектив“ пак, од тие причини доцнеше речиси цел час.

„Дубиоза Колектив“ предизвика најголемо интересирање меѓу промоторите и се најде меѓу првите пет најбарани бендови за претстојните фестивали, потврди букерот на „Еуросоник“, а неговата изјава можете да ја погледнете на овој линк.

По исклучително успешното издание „Апсурдистан“ од 2013 година, објавувањето на новиот албум на „Дубиоза Колектив“ - „Happy Machine“ е планирано за февруари годинава. Како најава на албумот, бендот неодамна го објави видео спотот за синглот „Free Mp3“, кој до сега има над 4 милиони прегледувања. На официјалниот сајт на „Дубиоза Колектив“, фановите можат бесплатно да го симнат ЕП изданието „Happy Machine“ со 3 песни.