Македонија во фокусот на најголемиот шоукејс фестивал во Европа

Македонија во фокусот на најголемиот шоукејс фестивал во Европа

На годинешното издание на „Еуросоник“ (Eurosonic Noorderslag) кое се одржа од 13 до 16 јануари во холандскиот град Гронинген, Македонија беше една од фокус земјите на фестивалот, благодарение на ангажманот на „Таксират“ фестивал во рамки на ЦЕЕТЕП“ (Central Eastern European Talent Exchange Programme) програмата во која „Таксират“ изминатите години е активен како претставник од Македонија. Во рамки на оваа програма, на престижниот холандски фестивал чест да се претстави со свој настап во живо имаше и македонскиот бенд „ЏУН“ (JUNE) кој важи за новата надеж на македонската музичка сцена. Дел од овој настап можете да чуете на овој линк.

Ова беше втор пат Македонија да учествува со свој музички претставник пред илјадниците експерти во музичката индустрија од целиот свет, за кои „ЕУРОСНИК“ е главното собирно место каде ги откриваат новите музички таленти. Имено, преку „ЦЕЕТЕП“ програмата во 2014 година, реномираниот македонски музичар Кирил Џајковски имаше привилегија да биде првиот македонски изведувач кој се претстави со свој концерт пред најдобрите агенти и фестивалски менаџери, со што потоа се создадоа контакти кои ја оформија неговата летна турнеја од повеќе од 15 концерти низ повеќе држави во Европа и тоа: Португалија, Белгија, Холандија, Унгарија, Романија, Хрватска, Црна Гора.

Фестивалот и конференцијата „Еуросоник Нордерслаг“ годинава на своето јубилејно 30-то издание собра над 350 европски музички групи, 4.100 делегати и 42.000 посетители. Како едно од клучните места за промоција на новите таленти, фестивалот во изминатите неколку години беше отскочна даска за бројни музички имиња (на „Еуросоник“ беа лансирани бендовите Gossip, Editors, Franz Ferdinand, Stromae и тн…). На ова видео можете да погледнете дел од атмосферата на „Еуросоник Ноордерслаг“ 2016, а сите видеа и фотографии од конференцијата и фестивалот се достапни на официјалниот сајт.