Финалисти на ЛУЗЕР ФЕСТ 2015!

Финалисти на ЛУЗЕР ФЕСТ 2015!

Едно од најголемите задоволства на Таксират Фестивал годинава дефинитивно дојде со огромниот број на пријавени бендови за годинашното издание на „Лузер Фест“! Многу повеќе од она што очекувавме! Во тоа име, изразуваме огромна благодарност до сите бендови и музичари кои ги испратија своите апликации за потенцијален настап на „Лузер Фест“ и повторно покажаа дека има голем потенцијал и надеж во младата музичка сцена кај нас. Финалистите кои ќе настапат на „Лузер Фест“ се веќе одбрани, а на 28. ноември во МКЦ заедно со публиката и жирито, ќе го одбереме победникот кој ќе си снима албум, а трите најдобро рангирани бендови ќе бидат предложени на дел од најголемите европски фестивали во 2016!

Десетте финалисти на „Лузер Фест“ (по азбучен ред :) се: АСТЕРОИД, BROOKA BAND, ВИЗИЈА, GARGOYLES, EX YOU, KEPURDHAT, METANOIA, PLUTO’S DOUBTS, ПРЕСЕН ЗРАК, ПУЛС ЕКИПА. Повеќе за секој од нив можете да дознаете на овој линк.

Со овие имиња првиот круг на „Лузер Фест“ се затвори, a за финалето ве повикуваме да ги поддржите младите демо бендови на лице место и заедно да ја освежиме сцената со нови сили!

Сумирано наградите за оваа година се:

* Победникот на „Лузер Фест“ ќе биде награден со снимање на албум во студиото „Марифет“ (мarryPHAT) на Ивица Јанкуловски – Штраф, објавување на албумот под капата на „Пасворд Продакшн“ и снимање на видео спот за чија реализација ќе биде задолжен тимот на Бла Бла ТВ.
* Реномираните музички фестивали „ЕГЗИТ“ (Србија), „ПОХОДА“ (Словачка), „СИГЕТ“ (Унгарија) и „ШПАНЦИР“ (Хрватска) самостојно ќе одберат еден од првите три рангирани финалисти кои ќе сакаат да ги видат на една од сцените на своите фестивали. Во оваа листа ќе бидат додадни уште потенцијални настапи за најдобрите на Лузер Фест, во Чешка и Полска.

Влезниците за „Лузер Фест“ 2015 ќе се продаваат на денот на одржувањето, на билетарата на МКЦ, по симболична цена од 100 денари. Наскоро ќе бидат објавени и дополнителни информации за овогодинешното издание на фестивалот, меѓу кои и изведувачите кои ќе настапат како гости на „Лузер Фест“.

„Лузер Фест“ годинава, покрај тоа што ја задржува традицијата како предвесник на главната фестивалска вечер на „Таксират“, воедно ќе биде и затворање на новото издание на „ПИН“ музичката конференција која ќе се одржи во „МКЦ“ во Скопје, на 27. и 28. ноември. Во тој контекст, целиот концепт на конференцијата е осмислен како посебен предизвик и придобивка пред сѐ за музичарите, кои ќе имаат прилика да поминат два дена заедно со дел од најголемите имиња од европската музичка индустрија и директно да бидат вклучени во дискусиите и актуелните теми за музичката уметност и индустрија денес.