С.А.Ф. & Тони Китановски Little Big Band на ТАКСИРАТ

С.А.Ф. & Тони Китановски Little Big Band на ТАКСИРАТ

Од редовите на домашната сцена, главната вечер на ТАКСИРАТ ќе го пречека легендарниот македонски хип хоп состав С.А.Ф. кој ќе настапи заедно со реномираниот џез гитарист и композитор Тони Китановски и неговиот Little Big Band! Едни од предводниците и најзначајните имиња на хип хоп сцената, во оваа прилика за прв пат во придружба на бенд ќе го презентираат култниот „Сафизам“, албумот кој културолошки, музички, метафизички ја претставуваше македонската хип-хоп сцена на достојно ниво и беше инспирација за следните генерации. Вистинските фанови знаат дека на 7. декември во „Метрополис Арена“ нѐ очекува возбудлив музички момент, но и каква енергија ја исполнува арената кога се С.А.Ф. на сцена. Имено, годинава С.А.Ф. го потврди својот статус на урбана хип хоп легенда и со одбележувањето на 15 години од издавањето на „Сафизам“, кој е официјално првиот винил на поствоен Балкан и еден од највлијателните и најквалитетните музички остварувања на овие простори.

Својата историја пак, С.А.Ф. ја започна во 1993 година кога Смилен Димитров, Гоце Трпков и Митко Гатаровски ја оформија денес култната група, која функционираше како демо бенд сѐ до 1996 година и објавувањето на првата студиска снимка, насловена „Мис Стон“. Песната веднаш постигна успех во рамки на „Розе Кадилак“ листата на „Канал 103“, каде што беше изгласана за број еден хит, а потполно истиот успех го остварија и следните снимки, „Стиховна Гимнастика“ и „Фатаморгана“. Истата година С.А.Ф. започнаа и со настапите во живо, од кои запаметени како поинтересни и позначајни остануваат заедничкиот концерт со француската хип хоп група „Monsieur Zoo“ (март 1998), контроверзниот прв соло концерт кој беше снимен, но никогаш емитуван, од страна на Македонската телевизија (јуни 1998) и секако, легендарниот момент и нивниот дефинитивно најзначаен настап, концертот за промоција на ЛП „Сафизам“ заедно со еден од најеминентните хип хоп екипи на сите времиња, групата „Das Efx“ од Њу Јорк (19 јануари 2001). Но „Сафизам“, не е единствениот значаен момент кој се поврзува со членовите на С.А.Ф., кои ги исполнија страниците на македонската хип хоп историја меѓу другото и со првото континуирано одржување на хип хоп забави (секоја сабота од 1996 до 1997 година, во клубот „Пони“) на кои за прв пат беше претставено „фристајл“ рецитирањето во живо или првото телевизиско и радио хип хоп шоу во Македонија насловено „Хипхоптеза“ кое го водеше Митко Гатаровски.

За време на тој период, мотивирани од желбата за подобар квалитет на домашната хип хоп сцена, зад името на С.А.Ф. забележана е и продукцијата на материјали за други бендови, а видео спотот кој групата го сними за нивната песна „Сафари“ во тоа време го претставуваше врвот на музичката продукција кај нас. Во 2005, С.А.Ф. се појавија на MTV Adria со видео спот за песната „Раце Горе“ како прв хип хоп артист од Македонија кој се појави на MTV мрежата. Со синглот „Виши ментал“ пак, С.А.Ф. беа на втората позиција на хип хоп листата на MTV block (веднаш зад Snoop Dogg) како единствен артист од Европа во Топ 10 листата. Во меѓувреме, С.А.Ф. работеа и на материјалот за нивното следно издание „Сафир“, а легендата беше родена.

Хип Хоп Дами и Господа!!!

Но, кога е вистинската музика во прашање, стилските граници се целосно покорени! Доказ за тоа ќе биде 17. Таксират на кој „Сафизам“ за прв пат ќе го чуеме во изведба со бенд. И тоа, не било кој бенд! Во своевидна „битка на титаните“, на сцената со С.А.Ф. ќе го пречекаме и Little Big Band на џез мајсторот Тони Китановски. Човекот кој својот музички пат го започна под менторство на македонскиот џез гуру Драган Ѓаконовски – Шпато, а своето образование понатаму го продолжи на престижниот „Беркли“ (Berklee School of Music) во Бостон, С.А.Д. Уште како студент тој ја освои „Чарлс Мингус“ наградата (Charles Mingus Award) за извонредни достигнувања во западната музичка традиција. Во Бостон ги посетуваше и семинарите на Георги Лигети (Gyorgy Ligeti) во „Њу Ингланд“ Конзерваториумот (New England Conservatory) и предавањата на Лучиано Берио (Luciano Berio) на „Харвард“ Универзитет, а денес е еден од најзначајните и најактивните имиња на современата македонска џез сцена.

За главната вечер на ТАКСИРАТ веќе се потврдени и настапите на авангардните словенечки индустријал легенди LAIBACH и еден од најактивните и најжестоките каталонски бендови LA PEGATINA, а наскоро ќе бидат објавени и нови изведувачи кои ќе бидат задолжени за 17. ТАКСИРАТ да го запаметиме како исклучително позитивно доживување од нашето градско (не)секојдневие.

Затишје пред бура, следи акција!
ТАКСИРАТ, 7. декември, Метрополис Арена
Преврти го Скопје наопаку!