The Protagonist во живо на 103-ка

The Protagonist во живо на 103-ка

Емисијата "Ако никој не свири" во недела (24.05) ќе го угости еден од најпрогресивните активни состави во Македонија. Свирката почнува во 22 часот а фрекфенцијата е 103.

Радио концертот на гостиварското дуо составено од Р.С.Раш и Кузман, ќе биде една од последните активности пред објавувањето на нивниот прв албум No Exit Museum. Покрај комплетниот материјал кој се најде на изданието, ќе имате можност и премиерно да ги чуете The Protagonist во една специфична акустична варијанта.

The Protagonist се формирани во 2010-та од Р.С.Раш и Кузман. Со еклектичноста како основна цел, тие неуморно работат во нивното студио, каде беше снимен и деби албумот No Exit Museum. Неговата основа е богат лиричен и провокативен концепт, инспириран од научната фантастика, драмата, се' до човечките и земјените состојби. Материјалот е мастериран од Сајмон Хејворт, човек кој во својата биографија бележи соработки со Ник Кејв, Мајк Олдфилд, Брајан Ино, Депеш Моуд, Симпл Мајндс итн. 

Делата од првенчето на The Protagonist го испровоцираа и хрватското издание на Ролинг Стоун магазинот, чии критичари нагласија дека "во нивната работа се чувствува свежина и квалитет на искуство кое содржи страствена креативност."

The Protagonist фузираат електроника, органски гитарски звук и полни богати вокали, кои се претопуваат во хоризонти на кои што не можете да останете рамнодушни.

Двојката која што стои зад овој несекојдневен производ се всушност визионери со високи артистички стандарди. Р.С.Раш е магистар по уметност во комуникациски науки, а Кузман е академски музичар кој од своите средношколски денови храбро експериментира со продукција и оригинално творештво.

"Ние најпрвин правиме музика која содржи универзални теми. Не користиме фолклор туку правиме нешто кое дирекнто има врска со времето во кое живееме и иднината отсекогаш не возбудувала. Така пристапот ни е сосема специфичен. Сите се добродојдени и ние нема да ги убедуваме, оние што ќе потрошат неколку часа самите ке се убедат..." вели Р.С.Раш.

Сајтот на The Protagonist