Да се видиме

Да се видиме

Фала Богу! На големо задоволство како што си кажавме пред 1 месец кога го најавивме враќањето на една убава таксиратска традиција, во сабота ќе ги дочекаме новите сили на македонската, а богами и балканската музичка сцена!

Бендовите веќе се загреваат, трчаат од сабајле, се хранат здраво и се во карантин. Рингот го отвараат Хај Контрол и Лоши Деца!

Поддржете ја локалната сцена, да им посакаме добредојде на новите лица кои се дел од неа во сабота! Бидете пример, дојдете во МКЦ.

Донесете го своето згодно гласачко тело во МКЦ, искористете го вашето гласачко право и нека победи најубавиот!

Плус има и жири составено од исклучително значајни имиња на локалната сцена преку кои може полесно да се лобира за победа.

Телевоутингот нема да функционира, немаме платено сметки за Октомври.

Додека се создаваат новите Репетитор и Верка, оригиналните ќе ги видиме како гости во сабота!

AMBER VIRGA,
CORTEX,
CUTTING EDGE,
KOLT,
PROBLEM SOLVED,
PROJECT 2501,
THE PROTAGONIST,
SKOPJE CREW (SKC),
THE AUTHOR
TV RAGE.

(редоследот е случаен, не важи за сабота)

ТРИТЕ ЗАПОВЕДИ:

• Победникот на „Лузер Фест" ќе биде награден со снимање на албум во студиото „Марифет" (мarryPHAT) на Ивица Јанкуловски – Штраф и објавување на албумот под капата на „Пасворд Продакшн";
• Реномираните музички фестивали „ЕГЗИТ" (Србија), „ПОХОДА" (Словачка) и „ИНМЈУЗИК" (Хрватска) самостојно ќе одберат еден од првите три рангирани бендови кои ќе сакаат да ги видат на една од сцените на нивниот фестивал;
• „ТАКСИРАТ" фестивал еден од бендовите ќе го одбере да учествува како свој претставник за 2015 година во „ЦЕЕТЕП" (CEETEP – Central Eastern European Talent Exchange Program) програмата која има за цел да поттикне настапи и популаризира артисти од централна и источна Европа преку фестивали, радио и ТВ емисии и други медиуми во цела Европа.