Врвниот трип-хоп артист TRICKY на ТАКСИРАТ

Врвниот трип-хоп артист TRICKY на ТАКСИРАТ

Уште едно изненадување за главната вечер на овогодинешното издание на „Таксират“ фестивал која ќе се одржи на 7. декември во „Метрополис Арена“ во Скопје е музичарот и продуцент Adrian Thaws, на светската сцена повеќе познат како TRICKY кој прв пат ќе настапи на фестивалот, но и воопшто пред македонската публика.

TRICKY денес е синоним за трип-хоп музиката и една од клучните фигури во развојот на денешната музика кој важи за врвен мајстор на андерграунд сцената каде музиката е во прв и единствен план. Како продуцент и музичар, тој е препознатлив по неговиот темен, богат и слоевит звук со моќен и уникатен лирски стил. Во својот уметнички израз Tricky спојува различни стилови, особено во неговата музика која е спој на рок и хип-хоп, висока уметност и поп култура.

Својата кариера ја започна на почетокот на деведесттите години на минатиот век како член на британската рап група The Wild Bunch, која подоцна прерасна во Massive Attack. Tricky соработуваше со Massive Attack на нивниот славен деби албум „Blue Lines“, како и на нивното второ издание „Protection“. Во тоа време ја запозна и пејачката Martina Topley Bird, со која го сними својот прв сингл и оствари успешна соработка во идните изданија.

Самостојната кариера Tricky ја започна со дебитантскиот сингл „Aftermath“ и мегауспешниот албум „Maxinquaye“. Овој албум кој го објави во 1995. година беше одлично прифатен и од критиката и од публиката и ги запоседна високите позиции на официјалната британска топ листа, му донесе огромен меѓународен успех, беше номиниран за престижната „Меркјури“ награда и изгласан за Албум на годината од страна на „NME“ магазинот. По ова издание следеа соработките со бројни музичари, како и ремикси за Björk, Luscious Jackson, Whale и други. Веќе следната година Tricky го објави албумот „Nearly God“ на кој гостуваат музички имиња од калибарот на Terry Hall, Björk, Alison Moyet и Neneh Cherry, а како и претходниот, така и овој албум на Tricky ги собра најголемите пофалби на критиката.

Следниот студиски албум, насловен „Pre-Millennium Tension“ го објавува во 1996., а потоа следеа и „Angels With Dirty Faces“ (1998.) и „Juxtapose“ (1999), на кој покрај Tricky се појавуваат DJ Muggs и продуцентот Grease. Во 2001 година го објавува ЕП-то „Mission Accomplished“ како и студискиот албум „BlowBack“ на кој соработува со Ed Kowalczyk (Live), Anthony Kiedis и John Frusciante (Red Hot Chili Peppers), Hawkman, како и Cyndi Lauper, а соработки на своите изданија има оставрено и со Alanis Morissette, Alison Goldfrapp и многу други.

Годинава Tricky имаше свои настапи на бројни фестивали ширум Европа, а на дел од нив настапи и како ко-хедлајнер со неговите современици Morcheeba.

Денес, Tricky зад себе има 11 студиски изданија од кои последниот насловен „Adrian Thaws“ беше објавен во септември годинава. „Насловот Adrian Thaws говори дека не ме познавате навистина“, вели Tricky, објаснувајќи го насловот на својот нов албум. „Многу пати луѓето се обидуваа да ме посочат и одредат, а јас со секој албум одам на различно место“. На 7. декември неговиот нов албум конечно, прв пат ќе го донесе овој извонреден уметник и пред македонската публика во рамки на главната вечер на „Таксират“ фестивал.

Главната вечер на шеснаесеттото издание на „Таксират“ фестивал, атрактивниот line-up и дополнителната програма на фестивалот се реализирани благодарение на поддршката од телекомуникацискиот оператор ONE.