„ЛУЗЕР ФЕСТ“ повторно назад!

„ЛУЗЕР ФЕСТ“ повторно назад!

Таксират Фестивал оваа година возобновува една од своите драги традиции посветена на „таксиратот“ на младите и неафирмирани музичари. За да не остане само градска легенда во муабетите за кризата на домашната музичка сцена, по пауза од пет години повторно го најавуваме одржувањето на „Лузер Фест“ и го објавуваме конкурсот за сите млади бендови и музичари за кои „лузер“ е подобар „таксират“ од „тезга“!

„Лузер Фест“ како традиционален предвесник на главната фестивалска вечер на „Таксират“, годинава ќе се одржи на 29. ноември во Младинскиот културен центар во Скопје! Право на учество со свој настап ќе имаат осумте најдобри бендови од сите пријавени на веќе отворениот фестивалски конкурс.

Што ветува Таксират:

• Победникот на „Лузер Фест“ ќе биде награден со снимање на албум во студиото „Марифет“ (мarryPHAT) на Ивица Јанкуловски – Штраф и објавување на албумот под капата на „Пасворд Продакшн“;
• Реномираните музички фестивали „ЕГЗИТ“ (Србија), „ПОХОДА“ (Словачка) и „ИНМЈУЗИК“ (Хрватска) самостојно ќе одберат еден од првите три рангирани бендови кои ќе сакаат да ги видат на една од сцените на нивниот фестивал;
• „ТАКСИРАТ“ фестивал еден од бендовите ќе го одбере да учествува како свој претставник за 2015 година во „ЦЕЕТЕП“ (CEETEP – Central Eastern European Talent Exchange Program) програмата која има за цел да поттикне настапи и популаризира артисти од централна и источна Европа преку фестивали, радио и ТВ емисии и други медиуми во цела Европа.

Една од мисиите на „Лузер Фест“ секогаш била зајакнување на домашната музичка сцена, но и обезбедување простор кој денес веќе не постои за сите музички вљубеници и млади луѓе кои ги зеле инструментите во свои раце и се обиделе да направат нешто оригинално и свое. „Лузер Фест“ се крева од правта со цел да покаже дека овие луѓе не го потрошиле залудно своето време и талент, а на 29. ноември во МКЦ, повторно ја поставува својата бина за сите избраници од конкурсот кои се подготвени да се покажат во најдобро светло и со тоа да се обидат да завршат како најдобрите на фестивалот.

Ги повикуваме сите македонски млади и неоткриени бендови кои се подготвени да ги вкрстат своите инструменти и да се натпреваруваат за наградите на „Лузер фест“, до 20. октомври 2014 да ги испраќаат своите песни на конкурсот. За да се пријават на конкурсот, музичките групи треба во електронски формат да достават:

• три досега необјавени авторски песни (во било кој аудио формат),
• контакти,
• фотографија и
• кратка биографија на бендот и членовите.

Пријавите најдоцна до 20, октомври 2014 треба да бидат испратени на и-мејл адресата: This email address is being protected from spambots. You need JavaScript enabled to view it. .

Наскоро ќе бидат објавени и повеќе информации за фестивалот и начинот и правилникот за избор на најдобриот бенд. Во меѓувреме, искористете ги есенските денови да ги „загреете“ гаражите, соберете ги пријателите, подгответе се за својот најдобар настап и вклучете ги засилувачите, затоа што градот убав има нов „таксират“!

ВАЖНО:

• „Пасворд“ ги задржува правата да објави компилација од сите 8 групи кои ќе настапат за време на „Лузер Фест“;
• Пријавените бендови треба да достават свои досега необјавени и неиздадени снимки, а во спротивно ќе бидат дисквалификувани;
• Не примаме песни со семејни и традиционани вредности (тоа на Макфест, Скопски Фестивал, Гоце Фест, Цветници и сите останати места);
• „Пасворд“ има право да ги објавува пријавените песни од страна на изведувачите на своите социјални и асоцијални мрежи.

Толку за почеток...