SKYRISE објавија нов сингл

SKYRISE објавија нов сингл

Младиот тетовски бенд „Скајрајз“ (Skyrise) го објави новиот сингл „We never say goodbye“. Ова е трет сингл од нивниот деби албум, насловен „To unknown“, кој пак ќе биде наскоро објавен. Новиот сингл е веќе поставен и на „јутјуб“ каналот на групата и достапен за преслушување на овој линк.

„Скајрајз“ на 1. октомври ќе настапат како локална поддршка на култната канадската инди-поп група „Хиден Камерас“ (Hidden Cameras) на промо настанот по повод Таксират 16. Заедно со Таксират фестивалот, групата на овој концерт го подарува деби албумот „To Unknown“, на секој кој ќе купи карта за концертот. Секој посетител на влезот во МКЦ ќе добие код за дигитално симнување на деби изданието на младиот алтернатив рок бенд од Тетово. Активен од август 2012 година на публиката првпат и се претставуваат во март, 2013 година со првите два сингла кои го најавуваат овој албум, песните "Let Yourself Go" и "Playing God".

Деби албумот „To Unknown“ содржи девет композиции снимени во „Студио Супернова“ и „МариФет“ (MarryPhat) од страна на Гоце Симоновски односно Ивица Јанкуловски. За миксот и мастерингот задолжен беше Гоце Симоновски.

Звукот на бендот може да се опише како моќен, меланхоличен и модерен алтернативен рок. Бендот позади себе веќе има настапи на „Аква Парк Фест“ (Пробиштип), „Револушн Фест“ (Куманово), „Џој Фест“ (Крива Паланка), делејќи ја сцената со ѕвезди како Пол Ван Дајк, Кирил Џајковски, „Суперхикс“, „Бернајс Пропаганда“ и други.

Таксират активностите оваа година започнуваат со промотивниот концерт на канаѓаните „Хиден Камерас“ на 1. октомври 2014 во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар во Скопје.

Билетите за концертот на „Хиден Камерас“ и „Скајрајз“ се веќе пуштени во продажба преку мрежата на МКтикетс по цена од 200 денари, можете да ги набавите во Југотон, Дамар Кафе, Кафе Браво, Круг Аеродром, Ла Кања и МКЦ во Скопје.
Билетите се во ограничен број и со секој билет посетелот добива код за бесплатно симнување на деби албумот „To Unknown“ на „Скајрајз“.