Промоција на ЦД изданието „The Best of СУПЕРХИКС“

Промоција на ЦД изданието „The Best of СУПЕРХИКС“

Дружината на СУПЕРХИКС банда инструментале, подмладена, проширена и надградена, оваа година активно тргна во прослава на 20 години постоење на бендот. По тој повод, утре (вторник, 15. април) ќе биде објавено ЦД изданието „Суперхикс The Best of 20 so far…“! Овој албум, чиј дизајн го изработи Гоце Лалковски (DjGoce D'Sauce), носи 18 песни кои во најголема мера ја одбележаа досегашната кариера на бендот.

Промоцијата на албумот „Суперхикс The Best of 20 so far…“ ќе се одржи утре во „Југотон“ (Скопје, ГТЦ, прв кат) со почеток во 12:00 часот, а со отворена покана до сите свои фанови и пријатели, банда инструментале најавува дека промоцијата ќе биде проследена и со заедничка прослава на 20 годишнината од постоењето на бендот.

Покрај тоа, на утрешната промоција посетителите ќе имаат единствена можност новото ЦД на Суперхикс да го купат по промотивна цена од 200 денари, а поради исцрпениот буџет и намалената потрошувачка моќ на граѓаните (која се одрази и на Суперхикс како такви), на промоцијата ќе има скромен коктел на кој ќе се служат ефтини пијалоци, ајвар и леб.