Повеќе од 10 часа еуфорија на ТАКСИРАТ 15

Повеќе од 10 часа еуфорија на ТАКСИРАТ 15

Вчера вечер во „Метрополис Арена“ повеќе од 6.000 посетители уживаа во петнаесеттото издание на ТАКСИРАТ ФЕСТИВАЛ кое заврши во раните утрински часови со сетот на детроитскиот техно диџеј Carl Craig. Во двете хали на фестивалот, Таксират повторно беше збирно место на илјадници прекрасни луѓе од Македонија, но и од околните земји, кои допринесоа на најпозитивен начин да ја затвориме музичката агенда на 2013 година. Вчерашнотo Таксират доживување беше и финално одбележување на јубилејната година на фестивалот во чии знак се одржаа повеќе музички настани.

Фестивалската фешта започна уште со настапот на панк групата Лоши Деца, а потоа еуфоријата која ја наметнаа The Exploited со исклучителниот концерт, не стивна до крајот на фестивалската вечер. Преку одличните концерти на Мајке, ЛД Писотлеро и Гоце Саф, експлозивните и бунтовни Bernays Propaganda, Самоил Радински, неуморливите и енергични The Locos, ја понесовме вечерта до најголемото вжештување на атмосферата кое го посведочиме за време на настапот на неверојатните Дубиоза Колектив. Вечерта неуморно и во ист стил ја завршивме со концертот на Београдски Синдикат и потоа журката во „Денс Арената“ со Dennis Ferrer и Carl Craig.

Според квалитетот на неверојатните, одлични концерти кои ни ги презентираа артистите кои беа дел од јубилејот, оставајќи го и последниот атом енергија на бината, Таксират 15 е едно од подобрите изданија на фестивалот до сега. Доаѓајќи пак со програма која пред сѐ е предизвик за оние со истенчен музички вкус, на наше особено задоволство повторно се покажа дека на наша страна ги имаме искрените вљубеници во музиката и во фестивалскиот дух, па дури и дека ТАКСИРАТ не е само фестивал туку и стил на живот. Додека се сумираат впечатоците за одличните настапи, новите познанства, доживувањата од кои многумина беа дел – танцувањето до 5 часот утрово или кога The Exploited ќе ја почасти публиката со пица за време на настапот на The Locos - првите импресии покажуваат дека за ТАКСИРАТ 15 уште долго ќе се раскажува.

Наскоро очекувајте ја фотогалеријата од ТАКСИРАТ 15 која ќе биде објавена на официјалните интернет страници на фестивалот.

Им благодариме на сите посетители, сите искрени поддржувачи на фестивалот, сите кои на било кој начин до сега биле дел од Таксират и со кои всушност сите заедно сме ТАКСИРАТ приказната на градот убав! Среќен 15ти роденден „таксиратлии“ и среќна Нова Таксират 2014 Година!