Важно! Последни информации пред Таксират 15!

Важно! Последни информации пред Таксират 15!

Каков ќе биде распоредот на изведувачи на фестивалот?
Во првата хала фестивалот ќе го отворат ЛОШИ ДЕЦА во 19:00 часот. Потоа THE EXPLOITED ќе бидат на бина од 19:45 часот, па следуваат МАЈКЕ, BERNAYS PROPAGANDA, THE LOCOS, ДУБИОЗА КОЛЕКТИВ и БЕОГРАДСКИ СИНДИКАТ.
Програмата во „Денс Арената“ во 22:00 часот ќе ја отворат ЛД ПИСТОЛЕРО и ГОЦЕ САФ, потоа одиме на 5-6 часовна журка со САМОИЛ РАДИНСКИ, DENNIS FERRER и CARL CRAIG за затворање на ТАКСИРАТ 15.

Кога се отвораат вратите на фестивалот?
Вратите на ТАКСИРАТ се отвораат на 28 декември во 18:00 часот и првите 500 посетители или оние кои ќе влезат до 19:45 часот ќе добијат мало предновогодишно изненадување, подарок пакетче од Password Production,One, Подравка,Скопско и останатите искрени поддржувачи на фестивалот.

Колку влезови ќе бидат отворени?
Ќе се влегува само на еден влез до 22:00 часот, кога ќе биде отворен и вториот „пушачки“ влез кај „Денс Арената“ или Хала 2. До тогаш, како и на сите фестивали, на сила ќе биде максимата „нема влези-излези“ од салата, а по 22:00 часот ќе биде направен и кружен проток околу салата доколку некој сака да внесе свеж смог и никотин во своето дробно тело.

Што ако сакам да гледам само еден изведувач на фестивалот?
Во тој случај пиши на контакт формата на официјалниот сајт на Таксират и дознај кога настапува твојот омилен бенд, a се надеваме благовремено ќе ви одговорат. Доколку не добиеш веднаш одговор, не му замерувај на администраторот на страницата кој најверојатно истрчал да се фотографира со некој од бендовите. Во тој случај наместо да се жалиш на facebook сам направи математика со повеќе непознати, ако знаеш дека во просек секој изведувач настапува по 50 минути.

Какви ќе бидат цените?
СМС од One до драгиот/та нема цена, Скопско ќе биде 80 ден., Heineken 120, кондом бесплатно од „Хера“ на влез, сокче и вода по 50ка, плус ќе има винце од Стоби.

Како да стигнам до „Скопски Саем“?
Многу едноставно, прашај каде Аца Лукас секоја година прави концерт во декември и лесно ќе најдеш!?

Дали тоа значи дека годинава останавме скратени со еден негов настап?
Нажалост ДА, Таксират ги заеба сите можни термини на саем... Требаше да биде како стално, прва сабота во декември, па поради личен „таксират“ се префрли на втора, потоа со конкурентска топлина и разбирање се префрли на трета недела, па искрсна Архангел Михаил и еве стигна Нова Година да прославиме заедно!

Што е со маглата?
Таксират е едно од ретките места што нуди чист воздух, таму сите се исти и искрени. Наместо во тендери, партиски лотарии и живот без мака, трката е во љубовни смс-и, частење пиво и преслушани изведувачи.

Има ли некој попуст од градски превоз и Македонски железници?
Секако, според наше искуство можеш да се договориш со шоферот за било каква разлика во џебот, а и спиењето од 5 сабајле (крајот на фестивалот) до првиот воз или автобус е сѐ уште бесплатно на нивните терминали.

Има ли некој ексклузивитет?
Хмммм, Вати сѐ уште мислам има четка, Баре e континуирано слаб ко Анџелина Џоли, Дубиоза ќе свират full концерт бидејќи ова e заден Скопски концерт до 2016та, The Locos ќе ве расположи за сите пари, Београдски Синдикат доаѓаат прв пат во Македонија, Bernays Propaganda ќе ни го срушат стејџот од гости, ЛД Пистолеро и Гоце Саф прават промоција на албумот, а Dennis Ferrer и Carl Craig ќе ве натераат да танцувате како никогаш до сега и ќе се размафтаат со рачињата секој по 2 саати и тотал 4,5 саати.

Озвучувањето го бива ли?
Таксират секогаш се разликувал во технички квалитет и го давал најдоброто од Македонија. Така што, нема да се штеди на лед-скринови, звук, светло и тн. Нам ни е срам да се рекламираме со најави „ досега невидени техничко-визуелни ефекти“ кога се подразбира дека треба да се понуди најдоброто.

А што е со цената на билетите?
Билетот во оваа вина-невина е 450 денари до 18:00 часот на 28 декември. Потоа ќе биде регуларни 600 денари, а ВИП билетите кои не ги обожуваме ќе бидат по 750 денари за сите кои ќе сакаат да слават Нова Година соло или колегијално.

Ќе имам ли прилика да запознаам некој од моите омилени изведувачи?
Секако, но биди поактивен кај ЏаБест, следи ја нивната страница и акцијата за meet&greet која ја организираат со сите бендови на Таксират 15.