Таксират промо концерт: Porn feat. Billy Gould (Faith No More)

Таксират промо концерт: Porn feat. Billy Gould (Faith No More)

Таксират Фестивал ви гo претставува PORN - бендот од калифорниското подземје кој доаѓа во Скопје заедно со Billy Gould, басистот на американскиот состав Faith No More. Нивниот жесток и неконвенционален звук ќе допринесе за моќно стонер-рок искуство на претфестивалската Таксират вечер која ќе се одржи на 3ти декември во клуб „Хавана“. Со овој концерт официјално ќе биде одбележан и стартот на петнаесеттото издание на фестивалот.

Групата PORN, претходно позната под името „The Men of Porn“ постои од 1999 година. Зад себе имаат повеќе соработки кои резултираа со четири студиски албуми, а моменталниот состав на бендот кој ќе го видиме во Скопје е Tim Moss, Billy Gould и Balazs Pandi. Ако сте запознаени со Porn, (мислејќи на "The Men of"), тогаш знаете дека тие постојано имаат гости во својот состав на турнеите и додека снимаат во студио. Но, „мозокот“ на бендот е постојано Tim Moss (Ritual Device). А доколку некогаш сте ги вкрстиле патиштата со музичките способности на Tim Moss, знаете дека лудиот долгобрад калифорниец мора да е водечката сила зад бендот.

PORN е всушност музички колектив од Сан Франциско чиј звук е тешко да се дефинира, туку тие повеќе претставуваат постојан пркос на музичката конвенционалност. Комбинирајќи стонер-рок, алтернативен метал и сѐ што ним им дава нова надеж за музиката, творештвото на PORN ги здружува тапанарот на Melvins и Nirvana - Dale Crover, почитуваниот инди басист и продуцент Billy Anderson (кој има соработувано со низа групи меѓу кои Sleep, Neurosis, Crisis), гитаристот и вокал Tim Moss, басистот на легендарните Faith No More - Billy Gould, уникатниот унгарски тапанар Balazs Pandi кој покрај останатите соработки е тапанар и на несомнено едно од најзначајните имиња во ноиз музиката Merzbow (експерименталниот музички проект на Masami Akita).

Зад себе имаат четири студиски албуми, од кои првиот „Porn American Style“ (1999) го објавија за веќе непостоечката етикета Man’s Ruin Records. Вториот „Experiments in Feedback“ се појави во 2001, па одличниот „Wine, Women and Song“ во 2004 (кој се чини неверојатно подеднакво ги здружува влијанијата на бендот од артисти како Black Sabbath, преку Verve, до Ornette Coleman) и последното сплит-издание „…And The Devil Makes Three“ (2008) во соработка со јапонскиот ноиз-артист Merzbow.

PORN е дело на мрачен гениј. PORN e подоброто решение за секој пат кога нешто ќе ве разгневи во конвенционалното секојдневие и има доволно деструктивна моќ спакувана во својата музика која ќе ви надомести за секое изложување на поп радио станиците.

Концертот на PORN во Скопје ќе се одржи во клуб „Хавана“ на 3ти декември со почеток во 21:00 часот. Цената на билетите е 150 денари во претпродажба и 200 денари на влезот во клуб „Хавана“. Продажбата на влезниците се одвива во мрежата на МКтикетс:

• Во Скопје: Југотон ГТЦ 1 кат, Розе Веро 2, Камарад Рамстор, Кафе Браво, Круг Кафе Аеродром.
• Низ Македонија : ЗЗ ТОП Охрид, Агора Куманово, Хард Рок Битола, Шишко Кочани.