Распродаден е концертот на Дубиоза Колектив во Загреб

Распродаден е концертот на Дубиоза Колектив во Загреб

Недела дена пред одржувањето, продадени се сите влезници за концертот на Дубиоза Колектив кој ќе се одржи во Големата сала на „Дом спортова“ во Загреб на 26. октомври.

Да се распродаде големиот „Дом спортова“ на недела дена пред одржување на концертот не им успеало на многу големи имиња. Всушност треба да погледнеме далеку во минатото за да пронајдеме кога последен пат се случило вакво нешто. Дубиоза Колектив го стори тоа со неверојатна леснотија, слична на победите на фудбалерите на БиХ низ квалификациите за Светското првенство.

Дубиоза Колектив ќе го одржи својот прв голем соло концерт во Загреб во сабота, 26. октомври, пред 10.000 фанови кои веќе си купија билет. Момците од Дубиоза ги повикуваат сите фанови да дојдат облечени во жолто-црните бои на бендот, како би учествувале во најголемата групна фотографија од овој концерт!

По Загреб, Дубиоза заедно со Бркови и С.А.Р.С., продолжуваат кон Ријека каде што на 15 ноември ќе одржат концерт во „Дворана младости“.