На излет со АНТЕНАТ

На излет со АНТЕНАТ

На јубилејната година и се придружува уште еден музички настан со кој Таксират 15 ве повика на излет со одличниот бенд АНТЕНАТ. Овој концерт е закажан за 8. јуни, на градската плажа во Скопје, со што воедно ќе се одбележи и официјалното отворање на сезоната на популарниот простор во главниот град на нашата држава. Составот на АНТЕНАТ и музиката која тие ја творат е гаранција за одлична забава, а за засилување на позитивните вибрации на овој концерт ќе се придружат младите реге сили Коноп и Гето Руди. Стартот е закажан за 20:00 часот.

Хрватскиот состав кој во моментов е на балканска турнеја со до сега дваесетина потврдени настапи, прв пат доаѓа и во Скопје и тоа со самостоен концерт. Бендот Антенат, по двата успешни албуми, „Subing“ и „Караван“ и повеќе од 300 концерти во регионот и Европа, доаѓа претставувајќи го својот нов албум насловен "Излет".

Излет е патување. Излет е излетување. Излет е идејата која со реализација се претвора во лет.

Антенат направи патување до нов звук, нови музички правци со кои го збогати својот субреге мозаик; излет на лајв-свирка, бидејќи 11те нови песни се снимени во живо; патување до нови соработки со старите пријатели: на албумот гостуваат Julien Bordier (бенд Joke) и Ана Фабијаниќ, а виолончело свири Станко Ковачиќ.

Антенат и Таксират 15 ве покануваат на патување и ви ветуваат добар лет!

Влезот за овој излет ќе биде со симболична цена од 50 денари.