Концерт на хип хоп легендата KRS-One

Концерт на хип хоп легендата KRS-One

Password и Sure Shotz со задоволство ви го најавуваат концертот кој хип хоп публиката со сигурност долго ќе го памети. Конечно, на 7ми јули во Скопје гостува KRS-One – маестралниот артист на хип хоп сцената и вистинскиот емси на сите времиња.

Кришна Лоренс Пакер познат под псевдонимот KRS-One е американски емси и продуцент кој доаѓа од Њујорк. Покрај неговиот псевдоним низ годините го знаете и под имињата: "Kris Parker", "The Blastmaster", "The Teacha" и "The Philosopher", а KRS-One претставува акроним од “Knowledge Reigns Supreme Over Nearly Everyone”, кое исто така во младоста било неговото графити-име. Својата хип-хоп кариера ја започнува во 1987 година и е активен до денес. Неговата музика ја карактеризира бум-бап звукот, а има соработувано со бројни славни артисти како Marley Marl, Dj Premier, Scott La Rock, BuckShot, Freddie Foxx, Showbiz, Fat Joe, Kid Capri и ред други звучни имиња од светот на хип-хопот. Значаен за хип-хоп заедницата ширум светот, честопати е наречен “Eсенцијата на рап музиката” , како еден од најдобрите што застанале зад микрофонот. Како дел од хип-хоп екипата Boogie Down Productions, е познат по поставувањето на патот на хардкор и социјално -политичкиот рап и по издавањето на еден од највлијателните рап албуми - “Criminal Minded” заедно со Скот Ла Рок. За неговиот талент говорат и бројните освоени награди како VH1 - Hip-Hop Honors (2004), BET - I Am Hip-Hop (2007), Lifetime Achievement (2007), Urban Music - Living Legend Award (2009). Крис исто така е и основач на движењето “Temple Of Hip-Hop” и “Stop The Violence Movement”.

Иако одамна го стекна статусот на жива легенда на хип хоп светот, тој и денес, после повеќе од 25 години, со истиот ентузијазам и константен квалитет опстојува како институција. Човекот познат по изреката која стана максима на цело движење (“Рапот е нешто што го правиш, Хип-Хопот е нешто што го живееш”), доаѓа да ја претстави својата хип хоп филозофија со концерт пред македонската пубила. KRS-One зад себе има по еден албум (било да е тоа соло или колаборативен проект) скоро секоја година од своето деби издание со BDP во 1987. Иако е на хип хоп сцената со децении, KRS-One вели дека допрва нѐ очекуваат изненадувањата во неговата работа, најавувајќи го и неговиот нов, дваесетти албум „Just Like That“ , со кој сака да го привлече вниманието на својата публика и да ги натера луѓето повеќе да размислуваат, да бидат храбри и да го искористат секој ден „како да е последен“. Преку моќните рими, на кои сме навикнати кога е тој во прашање, KRS-One говори за сите проблеми и значајни работи на кои не им обрнуваме внимание и го продолжува овој тренд и со објавувањето на овој албум кој секако ќе имаме можност да го чуеме во живо на 7ми јули 2013.

Добро подгответе се и наскоро очекувајте ги и останатите детали за концертот кој ќе ви ја одбележи годината.