Спектакуларен крај на АкваПаркФест со Paul van Dyk

Спектакуларен крај на АкваПаркФест со Paul van Dyk

За љубителите на врвната електронска музика Аква Парк Фест најавува исклучително посебна ноќ! Легендарниот диџеј и продуцент Paul van Dyk, човекот кој светски реномираниот „DJ Magazin“ два пати го прогласи за број еден помеѓу 100те најдобри диџеи на свет ќе настапи на Аква Парк Фест. Еден од првите суперстар диџеи, денес е еден од најзначајните луѓе во историјата на електронската денс музика со шест студиски албуми продадени во повеќе од 4.5 милиони примероци. На Аква Парк Фест тој со својот лајв настап ќе ја претстави чудесната мултижанровска подимска музика. На оваа единствена аудио вечер, Paul van Dyk ќе приреди спектакуларно затворање на фестивалот.

Paul van Dyk започна како транс диџеј, но денес својот жанр едноставно го дефинира како „електронска денс музика“. Овој исклучително талентиран музичар, но и борец против сиромаштијата и истакнат активист, присутен е на сцената повеќе од 20 години во кои постигна небројни успеси. Од 1999 година па наваму скоро секоја година добива награди за најдобар албум, сигнл, диџеј, продуцент итн. Неговиот албум од 2004 „Reflections“ беше првиот номиниран албум во новововедената категорија на Греми нагрдите „Најдобар денс/електронски албум“. Познат е и по соработките со бројни светски ѕвезди како Depeche Mode, Britney Spears, David Byrne, Madonna, U2 и Justin Timberlake, а секогаш запаметен ќе остане неговиот настап за новогодишната вечер во 2009 година кога неговиот фуриозен сет го проследија повеќе од милион луѓе во Рио де Жанеиро.

По албумот од 2007 година „In Between“, кој според сите диџејски листи беше рангиран на првото место, Paul van Dyk во 2012 приреди амбициозно враќање со новиот албум „Evolution“ кој како што најавуваше и самиот наслов, донесе нови промени во денс културата и вистинска еволуција во поглед на самата електронска музичка сцена. Во ова извонредно издание ќе имаме прилика да уживаме и на Аква Парк Фест, кој е посебна прилика и по фактот дека од годинашната турнеја на овој артист, Аква Парк Фест е една од само трите европски дестинации до сега.

Аква Парк Фест, како првото open-air издание на петнаесетгодишниот Таксират, кое ќе се одржи на 24ти и 25ти мај, ќе го претстави и концертот на Сашко Костов & TWW. Талентираниот Сашко Костов е искусен музичар кој доаѓа од Велес. Тој минатата година го издаде албумот "Silent in the Crowd" кој доби одлични критики не само во државава туку и надвор. Промоцијата на албумот ја надополни со едномесечна турнеја низ цела Европа каде наиде на повеќе од позитивни реакции.

Покрај Paul Van Dyk и Сашко Костов & TWW од музичката програма на фестивалот веќе се потврдени настапите на ѕвездите од светската денс сцена, MARK KNIGHT – британскиот диџеј и автор на некои од најголемите хитови во последните 10 години и холандската денс атракција SUNNERY JAMES & RYAN MARCIANO, но и настапот на еден од најзначајните композитори, продуценти и диџеи на балканската електросцена – КИРИЛ ЏАЈКОВСКИ, кој на Аква Парк Фест ќе настапи во придружба на извонредните TK Wonder и Ghetto Priest. Гаранција за незаборавна фешта ќе бидат момците од нашата најактивна банда инструментале СУПЕРХИКС - бендот кој и официјално го освои признанието за најдобриот одржан концерт во 2012; ФОЛТИН и нивниот единствен препознатлив звук кој стана омилен на публиката; ужасно ангажираните BERNAYS PROPAGANDA кои веднаш по дво и пол месечната турнеја низ Европа ќе атерираат во Пробиштип на еден од ретките нивни настапи во државава; хардкор легендите SMUT ќе го донесат тврдиот звук; извонредно инвентивните и атрактивни FOOLISH GREEN, еден од најдобрите бендови од Тетово, реге-даб колективот CONQUERING LION; како и регионалните миленици С.А.Р.С., артистите препознатливи по секогаш одличната забава на нивните концерти.

АКВА ПАРК ФЕСТ ќе се одржи на просторот на првиот Аква Парк во Македонија, лоциран во Пробиштип и воедно се одржува како официјално означување на стартот на новата сезона на Аква Паркот. Фестивалскиот простор покрај фестивалските бини и Аква Паркот со различните водени атракции кои тој ги нуди, е опремен и со посебен кампинг простор, спортски терени, богата понуда на разновидна храна, повеќе посебно организирани делови за многуте забавни содржини на фестивалот, а сето тоа гарантира несекојдневна можност за повеќедневна забава под отворено небо.

Ве потсетуваме дека веќе е во тек и претпродажбата на „earlybird“ влезниците со кои најбрзите купувачи имаат можност да бидат дел од Аква Парк Фест за специјална промотивна цена. Во оваа понуда достапни се два вида влезници и тоа:

фестивалска влезница од 700 денари (во која е вклучен бесплатен камп простор и бесплатно користење на Аква паркот и водените атракции за двата дена од одржување на фестивалот)

и

еднодневна влезница од 400 денари (во која е вклучено бесплатно користење на Аква паркот и водени атракции за денот за кој ја купувате влезницата).

Овие билети ќе се продаваат во ограничен број, а ќе можат да се купат во продажните салони на One низ Македонија, продажните салони на Office Plus и продажната мрежа на МКтикетс.