Погледнете го спотот на Дубиоза

Погледнете го спотот на Дубиоза

Дубиоза Колектив, на 01. Април во рамките на „Ем-Ти-Ви премиера“ го претстави анимираниот спот за новиот сингл под наслов „Кажу“. Песната „Кажу“ го најавува нивниот нов, шести по ред, студиски албум насловен „Апсурдистан“ кој ќе биде објавен во понеделник 15. април, на официјалната веб страница на бендот www.dubioza.org за бесплатно преземање. На видео спотот „Кажу“ работеа режисерот и аниматор Тони Хумл и цртачот Филип Андроник.

Во понеделник, 15. април бендот премиерно ќе го претстави во живо материјалот од албумот „Апсурдистан“, со мини концерт кој бројни фанови ќе имаат прилика да го следат преку веб страницата dubioza.org или фејсбук страницата www.facebook.com/dubioza. За време на концертот ќе биде овозможена директна комуникација со бендот и фановите ќе можат да оставаат свои коментари на споменатите страници. Веднаш по завршувањето на концертот, албумот „Апсурдистан“ ќе може бесплатно да се преземе од официјалната интернет страница на бендот.

Наша желба е да оствариме директен контакт со луѓето кои ќе го следат концертот преку лајв стрим. Тоа е најдобриот начин многу брзо да дознаеме какви реакции предизвикуваат новите песни“, наведуваат членовите на бендот.

На албумот „Апсурдистан“ се наоѓаат десет песни кои се снимени во периодот од септември 2012 до февруари 2013 година во „Скирлибаба студио“ во Рајловци покрај Сараево.

Зборот апсурдистан асоцира на некоја држава или општество кое е целосно затворено и отфрла секаква можност за промена или напредок. Мислиме дека името ‘Апсурдистан’ може денес да се примении на скоро секоја држава на планетава.“ , велат членовите на популарниот босански состав. Воедно и додаваат: „Апсурдистан е многу сличен на материјалот од кој е исткаена човечката глупост, се шири со неверојатна брзина и голта сѐ што ќе му се најде на патот“.

Членовите на составот Дубиоза Колектив останаа доследни на себе, па ја потпишуваат продукцијата и на овој албум. На новиот албум гостуваат La Plebe од Сан Франциско, човекот алфа и омега на вокалниот состав Мелодије борбе и претворбе – Предраг Луциќ и Борис Дежуловиќ, Миле Кекин од групата Хладно Пиво. Д-р Поп и Радуле од новосадскиот состав Atheist Rap гостуваат на кавер-верзијата на песната „Ја сјеќам се“ на култната група од Пула, КУД Идијоти. AudioInFunktion, диџеј и продуцент од Сараево, го направи ремиксот за првот сингл од албумот „Кажу“, а словенечкото дуо RootsInSession ја обработи песната „Транзиција“.

Шестиот студиски албум на составот Дубиоза Колкетив - „Апсурдистан“, ќе се појави во продажба на 15. април и како ЦД, а изданието покрај десет нови песни, ќе содржи и три ремикси, достапни само на ЦД изданието. Koolarrow, повеќе познат како Bill Gould, басистот на групата Faith No More, направи ремикс за песната „99%“, на која гостуваат членовите на групата La Plebe од Сан Франциско. Во Македонија ЦД изданието ќе биде издадено под етикетата на Пасворд Продакшн и Антена 5 Радио.

Дубиоза Колектив паралелно со издавањето на албумот „Апсурдистан“ ќе ја претстави и мобилната апликација која, како и албумот, ќе биде достапна за бесплатно преземање. Апликацијата во верзија за Андроид и iOS оперативниот систем ќе им овозможува на сите корисници на своите мобилни апарати од прва рака да добиваат информации за бендот и концертните активности. Исто така ќе бидат во можност да преземат и слушаат песни од албумот „Апсурдистан“.

Уживајте во новиот видео-спот!