Суперхикс фешта во Солун

Суперхикс фешта во Солун

Минатиот петок (15.03.2013), Суперхикс го одржаа својот прв концерт во Грција, пред повеќе од 1200 луѓе кои имаа прилика да се забавуваат со фуриозната банда инструментале. Нивниот настап беше во рамките на второто издание на Балкан Фест кој се одржа во клубот „Блок 33“ во Солун.

Позитивно сме изненадени и воодушевени од пречекот и гостопримството што го доживеавме на Балкан Фест. Посебно, затоа што по цели 19 години постоење, ова ни беше „сефте“ во Грција, а бевме најавени и го отсвиревме овој концерт, како хедлајнери. Уште еднаш се покажа дека музиката руши секакви бариери, а и некако добивме впечаток дека на младите таму им е преку глава од „прашањето за името“, па без проблем се претставивме пред публиката како бенд од Македонија, Македонци и слично. Настрана од политиката, ова е важен чекор до конечното обединување на младите луѓе од регионот и затоа едно големо „Ефхаристо Поли“ до солунци, Балкан Фест и Блок33!!! Секоја чест и се гледаме пак на следниот Балкан Фест!“ – изјавија Суперхикс после настапот на Балкан Фест.

А токму тоа е и целта на овој солунски фетсивал, да прерасне во мост кој ќе ги поврзува балканските култури и културни активисти. Суперхикс воедно беа и првиот македонски бенд кој настапи на Балкан Фест.

Еве и видео сведоштво за тоа како изгледаше оваа Хикси фешта, која веќе следниот ден со уште посилно темпо продолжи и пред публиката на карневалот во Струмица.