Утре излегува „Escape“ на Foolish Green!

Утре излегува „Escape“ на Foolish Green!

После наговестувањата со новогодишниот сингл „Laika“ и лајв видеото за песната „Sun is gone“, утре (01.03.2013) официјално излегува деби албумот на Фулиш Грин (FOOLSIH GREEN) насловен „ESCAPE“. Ова е првиот лонг-плеј албум на групата, но и едно од ретките психоделик поп / рок'н'рол изданија на нашите простори, на кој бендот претставува вкупно 12 композиции. Новото студиско остварување веќе почна да ги собира одличните оценки на рецензиите и од музичките медиуми во регионот.
Она што се Палма Вајлетс на почетокот од годината на странската сцена, тоа со сигурност би можеле да бидат Фулиш Грин на регионалната сцена (...). Да доаѓаат од Британија, сигурно би биле ‘најдобриот бенд на светот’...“ , оценува најпопуларниот хрватскиот музички портал „Музика.хр“.

„Escape“е снимен во домашно студио, со мастеринг на Дарко Спасовски – Пацки, зад музиката се потпишува Ненад Стефановски – Брус, а концептот за обвивката на албумот и дизајнот се на Мики Стефановски. Албумот е издание на „Пасворд Продакшн“ (Password Production) и можете да го набавите во: Југотон.

Фулиш Грин концертно ќе го промовираат „Escape“ на 15.03.2013 во арт-киното „Фросина“ (МКЦ, Скопје). Гости на овој концерт на Фулиш Грин ќе бидат Џун (JUNE), диџеј Гоце и ЛД Пистолеро (LD Pistolero).

Билетите за концертот на Фулиш Грин се веќе достапни во претпродажба, во продажната мрежа на МКтикетс, по цена од 200 денари. Цената на билетите на денот на концертот, кои ќе се продаваат на билетарата на МКЦ, ќе биде 250 денари.

FG logo

„Постојат безброј прибежишта, но само едно бегство. Но, има толку можности за бегство, колку што има и прибежишта (Франц Кафка).

Отсекогаш си имал потреба да избегаш во себе, во својот свет, во своите мечти, во своето скривалиште, во својата куќичка на дрво, каде што нема болести, нема сомнежи, нема часовник, каде што никој не може да ти наштети, да те повреди и да те разбуди во најубавиот миг од сонот, кога сонуваш без да спиеш.

Можеби ќе избегаш и од одговорностите со кои си морал да се соочиш, можеби ќе избегаш и од лудилото, од љубовта, од некој страв. Се бориш да избегаш од колективно наметнатото, од неправедностите и од бесмислиците на светот, да избегаш од сè и од секого што те задушува! Да бидеш самосвесна личност и исклучителна индивидуа.
На крајот, се обидуваш возвишено да избегаш од границите на материјалниот свет и од молкот на задгробниот живот. Да бидеш невидлив, да немаш форма, да станеш вода и не чувствувајќи болка да се прелееш во океанот на музиката. Светот никогаш не е тивок, дури и неговиот молк вечно одекнува со истите ноти, во вибрации што бегаат од нашите уши. Оние што ги воспримаме ни носат звук, понекогаш акорд, но никогаш мелодија (Албер Ками).
Прифати ја оваа покана да патуваш со нас, да ги уништиш внатрешните демони и за момент да се упатиш во уште едно Бегство.“

Музиката и тимот на Фулиш Грин израсна врз основа на интуитивно-спонтано-емпиристичкото внатрешно чувство проследено со акустични инструменти со неколку доверливи аналогни ефекти и еден недоверлив компјутер. Фулиш Грин е проект зад кој стои Ненад Стефановски (вокал, гитара, продукција), алтернативен музичар од Скопје, познат по својата работа како продуцент на „Грин Аут“ (Green Out), „Легијата“, „Против сите“... Од самиот почеток, кон креативната идеја „Escape“ во наплив се придружија и артистите кои примарно допринесоа со својот емпиристички пристап: Нико Гаврилов (гитара, металофон), Давор Стојановски (гитара), Стефан Пехчевски (клавијатури), Теодор Бошков (бас гитара) и Стефан Дамјаноски (тапани).