Hell Of A Road - ново ЕП на Џајковски

Hell Of A Road - ново ЕП на Џајковски

Кирил Џајковски го претставува новото ЕП, дел од новата фаза на македонскиот музички гениј, кое од денес е достапно за музичката јавност. Hell Of A Road е прво во серијата изданија што ќе биде заокружена со долго очекуваниот нов албум. Како што може да се претпостави, оригиналот на песната е добро избалансирана мешавина на традиција и современост, енергија и опуштеност, софистицираност и уличен стил. Hell Of A Road ја поседува магијата на концертните настапи на Џајковски, но звукот на бендот во живо е претставен во поцврста, „стегната“ варијанта, совршена за слушање во поинтимна клупска атмосфера. Вокалот на TK Wonder е само јаготка на шлагот која го заокружува хит потенцијалот на песната, притоа не одземајќи ништо од нејзината автентичност.

Новото ЕП, Џајковски го објавува под етикетата на „Филтер“ и се состои од вкупно пет ремикси. Ремиксите ја претставуваат песната во сосема поинакво светло и му ја даваат неопходната разновидност на изданието. Првиот човек на Филтер, Tripnotic, од Hell Of A Road направил клупски електро брејкс хит зачинет со (од него очекуваните) глич интервенции. Брејкбит ветераните Ways & Means ги надминаа нашите очекувања и ја однесоа песната во тотално техноиден андерграунд правец, не оставајќи од оригиналот ништо освен вокалот. И конечно, едни од најпопуларните британски брејкбит продуценти во моментов, Leuce Rhythms (номинирани во дури 7 категории на претстојните Breakspoll награди), го заокружуваат изданието со хипнотична верзија на песната која се развива постепено и кулминира во врвен комерцијален клупски хит.

Hell Of A Road од Djaikovski feat. TK Wonder излегува денес (25 февруари), а ќе се дистрибуира преку сите водечки онлајн музички продавници и стриминг сервиси.

Корисни линкови:
Djaikovski на Soundcloud – http://www.soundcloud.com/djaikovski
Hell Of A Road на Soundcloud - https://soundcloud.com/filter/djaikovski-feat-tk-wonder-hell

Djaikovski feat. TK Wonder – Hell Of A Road
1. Hell Of A Road (Artist mix) - (4:25)
2. Hell Of A Road (Tripnotic remix) - (4:52)
3. Hell Of A Road (Ways & Means remix) - (6:05)
4. Hell Of A Road (Leuce Rhythms remix) - (6:09)
5. Hell Of A Road (Artist mix instrumental) - (4:26)