Foolish Green го најавува деби албумот

Foolish Green го најавува деби албумот

Откако во јуни изминатата година го објавија ЕП-изданието „Sun is Gone“, Foolish Green стана име кое ветува здрава свежина на домашната сцена и бенд со музичка зрелост која префинетата музичка јавност ја прифаќа со целосно одобрување. Потврда за нивната музичка заводливост беше и одличниот концерт во преполната сала на „Дом на АРМ“ за време на „ПИН“ музичката конференција во ноември 2012, а она што допрва следува од овој млад алтернативен состав е објавувањето на нивниот прв лонг-плеј албум, кој го очекуваме кон крајот на месец февруари.

Во декември 2012 бендот го претстави новогодишниот сингл „Лајка“ (достапен за бесплатно превземање тука) како прв дел од надоаѓачкиот албум насловен “Escape”.

Ова ќе биде првиот лонг-плеј албум на групата, но и едно од ретките изданија од ваков тип на музички правци на нашите простори, на кој ќе бидат претставени вкупно 12 композиции. Деби албумот, кој ќе биде објавен за издавачката куќа „Пасворд Продакшн“, е снимен во домашно студио, со мастеринг на Дарко Спасовски – Пацки, додека зад музиката се потпишува Ненад Стефановски – Брус.

Како дел од подготовките за албумот, неодамна беа објавени и промо фотграфиите на бендот во изработка на фотографот Кристијан Теодоров, а по објавувањето на албумот „Escape“, Foolish Green најавуваат и концертна промоција.

Музиката и тимот на „Foolish Green“ израсна врз основа на интуитивно-спонтано-емпиристичкото внатрешно чувство проследено со акустични инструменти со неколку доверливи аналогни ефекти и еден недоверлив компјутер. „Foolish Green“ е проект зад кој стои Ненад Стефановски (вокал, гитара, продукција), алтернативен музичар од Скопје, познат по својата работа како продуцент на „Green Out“, „Легијата“, „Против сите“... Од самиот почеток, кон креативната идеја „Escape“ во наплив се придружија и артистите кои примарно допринесоа со својот емпиристички пристап: Нико Гаврилов (гитара, металофон), Давор Стојановски (гитара), Стефан Пехчевски (клавијатури), Теодор Бошков (бас гитара) и Стефан Дамјаноски (тапани).