„Африка“ конечно пред вас

„Африка“ конечно пред вас

Долгоочекуваното студиско издание на Суперхикс е конечно пред вас! Полнолетната банда инструментале во среда, 21.11.2012, го издава својот нов (четврти) студиски албум едноставно насловен „Африка“, по хит-синглот кој беше само наговестување за новата ска-панк експлозија што нѐ очекува на ова издание. Албумот ќе се појави во дигитален формат на страниците на регионалниот музички канал „MTV“ (www.mtv.rs, www.mtv.com.hr и www.mtv.si) и ќе може бесплатно да се превземе.

Албумот содржи 12 композиции меѓу кои и веќе добро познатите хитови „Ти треба некој“, „На лута рана“ и секако „Африка“. Работен е во студијата „Супернова“ и „Марифет“ во изминатите две години. Сниматели се Гоце Симоноски, Ивица Јанкуловски и Бојан Угриновски, а како микс мајстор и продуцент се потпишува Гоце Симоноски. Гости на албумот се Ди Џеј Славе, Нелетроник Гуру и женскиот хор „The Incredibles”. За дизајнот на обвивката е одговорна Марија Чолкова.

Паралелно со официјалното дигитално објавување на албумот, во среда (21.11.2012) во рок барот „Планина“ во Скопје (Капиштец, кај „Млечен Ресторан“) со почеток во 20:00 часот, организирано е „општонародно“ преслушување на албумот „Африка“, заедно со момците од Суперхикс.

Објавувањето на албумот беше најавено и како дел од славеничката година на СУПЕРХИКС кои ќе го прослават своето полнолетство (18 години од формирањето на групата) со голем Позитивен концерт во рамките на годинашното издание на TАКСИРАТ фестивал. На 1ви декември во „Метрополис Арена“ Суперхикс ќе го прослават своето креативно полнолетство, во чии рамки концертно ќе го промовираат и новиот албум „Африка“, а за своите фанови на овој концерт подготвуваат незаборавна позитивна фешта.

IMG 6685-300x224Инаку во периодов Суперхикис покрај издавањето на албумот се супер ангажирани околу големиот концерт. Во Хикси пропагандата за музичко будење пред концертот, бендот изминатата седмица упадна во средните школи во Скопје и тоа во „Никола Карев“, „Орце Николов“, „Раде Јовчевски Корчагин“, „Јосип Броз Тито“, „Лазар Личеноски“ и „Ѓорѓи Димитров“ во кои имаше акустични настапи. Акцијата насловена „Кој нѐ слуша, нека игра“ беше повеќе од успешна. Покрај настапот на Суперхикс, учениците имаа можност да ги покажат своите музички квалитети. Иако беше планирано само еден ученик да се придружи на една песна на големиот концерт, поради одличниот одзив на учениците, Суперхикс одлучија од секое училиште да изберат по еден кој ќе ја дели сцената со нив на 1 декември во Метрополис арената.

Влезниците за гламурозната прослава на полнолетството се достапни во продажните салони на ONE и продажната мрежа на МКтикетс, по популарна цена од 200 денари која ќе остане непроменета сѐ до денот на концертот (01.12.2012) кога ќе може да се набават по 300 денари.