ЧИСТА ОКОЛИНА се враќа на сцена

ЧИСТА ОКОЛИНА се враќа на сцена

Таксират фестивал има особена чест после 11 години пауза од музичката сцена, да ја пречека една од најистакнатите хип хоп групи во Македонија, суб-културниот феномен ЧИСТА ОКОЛИНА. Првата и култна рап унија кај нас, со вистински и чист концепт за рап и хип-хоп суштината, своето последно концертно појавување го имаше токму на Таксират 3 во 2001ва. Единаесет години подоцна, Чиста Околина конечно се враќа на сцена и продолжува од истото место.

Оформена во 1989та година со здружувањето на неколку млади рап бендови, Чиста Околина започна да функционира официјално како бенд во 1991ва. Основањето на групата се смета за првата позначајна хип хоп појава во Македонија воопшто. Групата е на некој начин унија од два бенда:Serious Bass (Рифат Емин и Ристо Солунчев) и Кељав Дабар (Веле Солучев, Аце Змејковски – Денвер, Александар Таковски и Александар Стаматов). Подоцна во 1991ва година кон оваа унија се приклучуваат уште две групи Лош Вкус (Владо Трајчевски, Миро Попов, Самоил Петревски, Брцко) и(Б)Анален Отпор (Виктор Георгиев, Љубиша Петровски, Христијан Санев). Всушност, токму во 1991ва година се структуира бендот, како формално така и на идеолошки план (стил, имиџ, насока на дејствување и т.н.) Првите три години групата настапува само на свои приватни рап забави низ градот, а во 1992ра година се случуваат првите позначајни настапи: “Rap’n'Roll фестивалот” во МКЦ и неколку клубски свирки.

По овие настапи кон Чиста Околина се придружуваат: Џоге, Митко Гаштаровски и Ванчо Дамјански.До 1994та и соработката со истакнатиот алтернативен рок бенд Last Expedition на песната „Кељав Дабар“, групата беше позната само во подземните кругови. Но активното работење, а посебно соработката со Last Expedition, го отвори слухот на пошироката музичка јавност за квалитетот и капацитетот на Чиста Околина. Песната „Кељав Дабар“ според музичката емисија “Досие” беше прогласена за Песна на 94та година. Во 1995та година следуваат учества и настапи на неколку фестивали: Strip & Sound фестивалот, Трот Фест, Годеа Лаут фестивалот, Учество во компилацијата “Македонски Документ – чекор втор.

Во мај 1996, Чиста Околина го издава својот албум “Новиот Аспект на Старата Школа” снимен во 1995та година во сопственото студио П.Н.Г.Т. (Палавштините на Гроздан Темелковски). До тогаш групата веќе имаше снимено преку 70 демо-снимки. Од создавањето до издавањето на албумот, многу луѓе беа членови на Чиста Околина, а на деби албумот се потпишани: Улав, Ицко, Скелеку Скас, V.G., Стамче Фолк, Деликвент, Самоил Царот, Миро, Скарфејс, Митко Пики Сипи, Кики, Спикер Тако, Ване најдолгиот, Јане баш буц и Џоге. Албумот е прво вакво издание во Македонија, во „олд скул“ стил и тенденциозно снимен без семплер, произведен само на ритам машина и грамафон. Својата концертна промоција албумот ја имаше во 1997ма година, на самостоен концерт на Чиста Околина во магацинот на нова железничка станица.

Популарноста на бендот продолжи да расте во наредните години, а во 2000та година албумот доживеа и свое реиздание за етикетата Литиум Рекордс. Последниот концерт на Чиста Околина беше во 2001ва година на третото издание на Таксират Фестивал. Тогаш Таксират беше отворен со Чиста Околина, во првата хала на Скопскиот саем. Овојпат, „новиот аспект на старата школа“ е сцената во „Метрополис Арена“ која ќе ги пречека момците од “Чиста околина” и нивната уникатна музичка концепција за старото добро хип хоп лудило.

ПРЕВРТИ ГО СКОПЈЕ НАОПАКУ!

Настапот на Чиста Околина е во рамките на главната фестивалска вечер на Таксират 14 која ќе се одржи на 8ми декември 2012 во „Метрополис Арена“ во Скопје. Својот настап на Таксират 14 веќе го потврдија, ворлдмјузик-панк бунтовницие ЧЕ СУДАКА, реге-метал атракцијата СКИНДРЕДкои беа прогласени за „The best live bend“ за 2011та од реномираното списание Metal Hammer и реге-иконата Тања Стивенс. Наскоро очекувајте ги и останатите артисти кои ќе бидат задолжени за уште едно незаборавно Таксират издание.

ТАКСИРАТ ПРОМО ВЛЕЗНИЦИ
Денес (петок, 26. октомври) стартува претпродажбата на влезниците за Таксират 14.
И годинава Таксират ја продолжува својата традиција да биде најефтин европски фестивал без конкуренција.
Првите 1000 влезници за главната вечер на Таксират, ќе се продаваат по промо цена од 450 денари, а по нивното распродавање, цената ќе биде 600 денари.

Таксират влезниците можете да ги најдете во продажните салони на ONE и продажната мрежа наМКтикетс низ Македонија:
Скопје: Југотон Рекордс, Кафе Круг (Ареодром), Superfly, Камарад (Рамстор), Розе (Веро 2), Супер Тобако (Лептокарија);
Куманово: Агора;
Битола: Хард Рок;
Кочани: Комисион Шишко;
Штип: Дом на млади;
Охрид: ZZ TOP;
Гевгелија: Кафе Корзо;
Прилеп: City Tobacco;
Струга: Мезе Бар Кингстон;
Тетово: Амнезија.