Подгответе се за СКИНДРЕД!

Подгответе се за СКИНДРЕД!

Подгответе се за гитари, рифови, гласно озвучување и цврст звук. Таксират отсекогаш ја почитувал квалитетната панк и метал свирка, па и за своето четиринаесетто издание ги носи некои од најдобрите изведувачи на овој музички жанр. Публиката на Таксират годинава ќе ја раздрма настапот на реге-метал бендот од Њу Порт, СКИНДРЕД (SKINDRED), име кое ветува одлична забава! Уникатниот бенд кој остана без конкуренција на музичката сцена до денес, важи за состав кој е особено препознатлив по лудите и одлични настапи во живо и иновативната и нетипична мешавина на реге-метал со панк, дабстеп, хип хоп и драм енд бејс. До денес Skindred имаат издадено вкупно четири албуми, од кои последниот, „Union Black“, излезе во април минатата година.

Составот кој ги воодушевува фановите со својот нетипичен музички пристап и „The best live band“ за 2011та според Metal Hammer, на 8ми декември ќе го има својот прв настап во Македонија. Групата во моментов е на својата актуелна британска и С.А.Д. турнеја со распродадени концерти, а Таксират Фестивал ја има ексклузивата да биде единствен домаќин на Скиндред надвор од рамките на овие земји.

Skindred е типично британски бенд кој се издигна како феникс од британските рага панкери Dubwar предводени повторно од легендарниот Benji Webbe. Со него беа басистот и вљубеник во џангл/грим/електроника Dan Pugsley, црвениот Billy Gibbons, риф-господарот Mikeydemus и хард рок чудото на тапани Arya Goggin. Бендот стартуваше интензивно уште со првиот деби албум, „Babylon“ во 2003та, кој ги вклучуваше моќните синглови и вечни концертни фаворити, ‘Nobody’, ‘Pressure’ и ‘Selector’. Со новиот состав групата веднаш стана омилена за настапите во живо и беа поканети ширум светот да ја восхитат публиката со нивниот различен звук и неповторливи „лајв“ настапи.


Побарувачката за нивните концерти никогаш не исчезна и од деби албумот потребни беа пет години за бендот да може повторно да влезе во студио за нивниот албум ‘Roots Rock Riot’ во 2005та. Албумот беше уште една совршена колекција од жестоки рага панк химни, претставени во „траки“ како ‘Trouble’, ‘Rat Race’, ‘Rudeboy For Life’ и насловната песна на албумот. Побарувачката за концерт повторно се вжешти со овој албум кој ги импресионира старите фанови и привлече многу нови. Не сакајќи да остават толкава празнина помеѓу студиските изданија, групата сними мини албум кој се покажа како нов креативен моментум за бендот. „Shark Bites And Dog Fights“ беше објавен во 2009та и понуди дополнителен динамит за концертите во живо: ‘Stand For Something’ и ‘Invincible’. Од тој период групата настапуваше на масовни фестивали ширум светот и распродадоа над половина милион од своите изданија.

Во 2011та бендот го заврши својот трет албум, Union Black кој во целост ги демонстрира музичките способности на овие момци. Оваа година групата собра повеќе награди, меѓу кои „Devotion Award“, на реномираното рок списание „Kerrang“, за непоколебливата посветеност на едноставната Skindred филозофија, како и „The best live band“ наградата на списанието Metal Hammer и нивните „Golden God awards“.

Она што останува како главен печат на Skindred е фактот дека овој бенд едноставно не може да има лош концерт, предводени од нескротливиот и несекојдневно енергичен Benji кој вели: “На сцена сум ем-си и човекот за возбуда, моја задача е да ги раздвижам и расположам луѓето (…)“.

Подгответе се Skindred, а не го пропуштајте и поздравот кој групата го испрати за сите свои фанови во Македонија.

Главната фестивалска вечер на Таксират 14 ќе се одржи на 8ми декември 2012 во „Метрополис Арена“ во Скопје. Својот настап на Таксират 14 веќе го потврдија и ворлдмјузик-панк бунтовницие ЧЕ СУДАКА, а наскоро очекувајте ги и останатите артисти кои ќе бидат задолжени за уште едно незаборавно Таксират издание.

Билетите за Таксират 14 ќе бидат достапни во претпродажба од петок, 26ти октомври 2012. Првите 1000 влезници ќе се продаваат по цена од 450 денари, а по нивното распродавање, цената на билетите ќе биде 600 денари.

Ве потсетуваме дека утре (среда, 24ти октомври) стартува и продажбата на билетите за концертот на француската арт музичка атракција Nouvelle Vague, кој ќе се одржи на 27ми ноември во клуб „Колосеум“, во рамките на off-програмата на Таксират. Во претпродажба овие биелти ќе чинат 300 денари, а 400 денари на врата. Достапни се и ВИП влезници по цена од 500 денари.

Билетите за главната фестивалска вечер на Таксират 14 и Таксират промо концертот на Nouvelle Vague можете да ги најдете во продажните салони на ONE и продажната мрежа на МКтикетс низ Македонија:
Скопје: Југотон Рекордс, Кафе Круг (Ареодром), Superfly, Камарад (Рамстор), Розе (Веро 2), Супер Тобако (Лептокарија);
Куманово: Агора;
Битола: Хард Рок;
Кочани: Комисион Шишко;
Штип: Дом на млади;
Охрид: ZZ TOP;
Гевгелија: Кафе Корзо;
Прилеп: City Tobacco;
Струга: Мезе Бар Кингстон;
Тетово: Амнезија.